Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со воведно обраќање ја започна меѓувладината седница помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија и Албанија се заедно на европскиот пат и заеднички со меѓусебна соработка се справуваат и со предизвиците од енергетската криза.
Во продолжение Ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Ковачевски.
„Добредојдовте на втората заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија.
Навистина ми е драго што денес, тука, во оваа Свечена сала во Владата седиме едни до други и разговараме за иднината и за она што можеме да направиме плус за да ги развиеме и нашите две земји, но и нашето пријателство и добрососедство, а со тоа да го развиеме и регионот.
Ние толку често комуницираме со Еди и толку е тесна соработката помеѓу нашите министерства и институциите, меѓу нашите две земји, што јас навистина, имам чувство дека ние денес, тука сме сите како дома.
И прекрасно е чувството, затоа што се сеќаваме сите, не толку одамна, целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики.
Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина. Потребни беа прогресивни раководства, кои можат да се издигнат над личните политички интереси, лидери кои гледаат напред, гледаат кон утре.
Повеќе од јасно е дека заедно, ние секогаш можеме повеќе. Затоа, за неколку кратки години, преку искрена политичка волја за напредок, ние постигнавме и многу повеќе од што можеше да се замисли.
Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија никогаш не биле подобри од денес. Ние слободно можеме да кажеме дека сме пример како два соседа може и треба и соработуваат.
Денес, ние успешно ги надминуваме актуелните предизвици од глобалната криза солидарно, како во рамки на иницијативата Отворен Балкан, така и во рамки на Берлинскиот процес, така и низ унапредувањето на билатералните односи.
Соработуваме активно во безбедноста, како рамноправни партнери од доверба на НАТО и на САД.
Драг Еди,
Некои не веруваа, но ете, ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули, и двајцата во име на нашите две држави и граѓани ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати“ кои ги изговори чешкиот Министер за надворешни работи.
Вашата поддршка, твојата поддршка, на политичката маса тие денови во Брисел, е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ќе ја ценам.
Како што се вели, во маката се познаваат пријателите, а ти Еди, вие, почитувани колеги од Албанија, покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО.
Ние имаме иста цел – полноправно членство и на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија.
Како прогресивни премиери и прогресивни влади, вложивме многу труд и покажавме дека само со соработка има напредок.
Денес, кога неочекувано за 21-от век, се соочивме со војна на европскиот континент, најдобро можеме да ја согледаме вредноста на меѓудржавната и регионалната соработка што ја воспоставивме и веќе неколку години успешно ја развиваме.
Северна Македонија и Албанија се вистински пример за тоа како се градат добрососедски односи.
За да има поврзување, потребна е инфраструктура, но пред сѐ е потребно разбирање. Ако добро се разбираме, ако меѓусебно се почитуваме - ние веќе сме поставиле цврсти столбови и за автопатиштата и железниците што физички ги поврзуваат нашите земји и нашите народи.
Јас и премиерот Рама, односно владите на двете држави, знаеме дека кога нешто оди потешко, тоа значи дека е тоа по вистинскиот пат.
Со одлучност го зацврстивме нашето пријателство. И со цврстата верба во европските вредности, денес Северна Македонија и Албанија се заедно на европскиот пат.
Република Северна Македонија се постави јасно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на војната во Украина. Знам дека тоа го направи и Република Албанија. Заедно стоиме на страната на светскиот мир и ја одржуваме стабилноста на регионот.
Од заеднички интерес ни е да ги спречиме обидите од трети страни, за нивни цели, да ги вовлечат нашите држави и целиот Западен Балкан во непосакувани сценарија. Сценарија кои ги загрозуваат демократските придобивки на кои толку долго работевме за да ги обновиме, сценарија кои ќе ги блокираат можностите за економски развој на државите и ќе го вовлечат регионот во нови изолации и тензии кои што Балканот едвај ги надмина.
Северна Македонија и Албанија, заеднички работат на конкретни решенија, вложуваат во сигурна иднина за целиот балкански регион и тоа е веќе јасно за сите. Како демократски влади знаеме дека евроатлантските интеграции се од стратешки интерес за стабилноста и безбедноста, за економијата, и животниот стандард, на целиот Западен Балкан.
И Европската Унија конечно сфати дека и нејзин стратешки и безбедносен интерес е Западен Балкан да биде дел од Европа. Дека државите од Западен Балкан имаат демократски прогресивни раководства и дека сега е моментот да се осигура заокружувањето на европското семејство.
Овој момент на подадени раце од нашите партнери и пријатели не смееме да го пропуштиме.
И ЕУ и ние досега ги исполнивме сите ветувања и така и ќе продолжиме.
Отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот е огромен успех за сите нас. Процесот е конечно започнат и сега, со целосно заштитен идентитет и национални интереси, признаени и потврдени во Европа, напредуваме во реформите, за да обезбедиме европски стандарди и принципи.
За нас, за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, признанието од Европа беше многу важно. Преговорите беа мачни и тешки, но успеавме да ги задржиме нашите позиции и да го постигнеме она за кое се боревме, а тоа е да си го зачуваме македонскиот јазик и да го издигнеме на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија. Македонскиот идентитет ќе продолжи да се развива како дел од комплексниот европски идентитет.
Доказ за нашиот напор и исполнетото ветување пред граѓаните беше потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС, како прв ваков договор на кој сме ставиле потпис заедно со сите останати 27 земји членки, на македонски јазик, без никакви додавки, фусноти или дообјаснувања.
Ова, заедно со признанието дека сме успешна, мултиетничка функционална демократија на рамноправни граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други кои тука живеат, држава којашто суштински придонесува во мирот и стабилноста, нам ни отвора простор, да пристапиме и кон другите потребни чекори.
Тие следуваат секако во Парламентот, со цел во еден динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.
Нема простор повеќе за оправдувања коишто би го закочиле процесот на европските интеграции на нашата држава. Сега сѐ е во наши раце.
Очекувам пратениците да покажат одговорност и во Парламентот, со цел да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ.
Како што заедно ги почнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста и заедно и да ги завршат преговорите.
Со членството во ЕУ ќе обезбедиме квалитетен живот за нашите граѓани, според европски стандарди, а младите ќе ни живеат тука во Европа, но тоа ќе биде во родната земја.
Република Северна Македонија одлучно се развива во Едно општество за сите, со еднакви права и одговорности за сите граѓани, а нашата определба за граѓанска држава е впишана уште во првиот Устав од независноста на тогашна Македонија.
Имаме мултиетнички институции, Парламент, Влада, општини. Денес, Република Северна Македонија се препознава како успешен модел на Европа во мало.
И како што дома градиме мостови, така градиме мостови и со соседите, со Европа и со светот. И тоа е нашата предност.
Политиките на добро разбирање се нашата предност. И како и сè досега, со мудрите, одговорни и разумни политики кои ги носиме, а кои ја имаат поддршката на мнозинството граѓани во државата, верувам дека можеме да го постигнеме и членството во ЕУ до 2030 година.
Секако дека дотогаш, како две соседни држави, Република Северна Македонија и Република Албанија, можат многу да си помогнат во економскиот развој.
Оваа втора меѓувладина седница во Скопје, по првата во Поградец, покажува дека тоа за што зборуваме, ние и го правиме. Ја унапредуваме соработката помеѓу нас.
Посебно во време на глобалната економско-енергетска криза, со сериозни предизвици во обезбедувањето струја и храна во државите, оваа соработка е од големо значење.
Ние во нашата држава досега обезбедуваме струја за домаќинствата и малите потрошувачи од домашно производство. Енергетските капацитети го зголемија производството, и работат со полна пареа. ЕСМ не само што зголеми за 25% производство, туку и ги натфрли плановите.
Затоа е и можно да обезбедиме 80% субвенционирана струја за сите домаќинства во државата и за над 72 илјади компании, мали потрошувачи коишто вработуваат 98% од работниците во земјава.
Со добро планирање и навремени потези, обезбедивме повластени цени за струја за основните и средни училишта, како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето. Виталните функции на државата се обезбедени.
Обезбедивме поевтина струја и за прехранбените компании, по што очекуваме цените на финалните производи ќе се намалат за најмалку 10%.
Државата го презеде и работењето на топланите, и ќе обезбеди сигурна, стабилна и континуирана испорака и на топлинска енергија.
Во тек се и повеќе големи инвестиции во енергетиката, што на среден и долг рок ќе овозможат одржливост во енергетскиот сектор – нешто што за прв пат се прави преку стратешки пристап.
Енергетската трансформација ние ја започнавме. Со добро поставена визија, инвестираме во индустриите на иднината кои покрај тоа што ќе ни обезбедат енергетска независност, ќе ни отворат и можност за повеќе и подобро платени работни места за граѓаните. Оваа криза е и можност, за развој, за иновација, да ја претвориме земјата, во хаб на зелена енергија која понатаму, со добар план и стратегија може да го снабдува и регионот но и континуитет со енергија добиена од топлото македонско сонце.
Покрај овие амбициозни цели кои си ги поставивме за енергетска трансформација, досега, активно и навремено се справуваме и со економската криза преку пакетите антикризни мерки во вредност од над 760 милиони евра само оваа година.
Воедно, со интервентниот фонд од 4 милиони евра го помогнавме производството на стратешки земјоделски култури, а воведовме и нов модел на субвенцонирање, со којшто една од примарните цели е стимулирање домашно производство на храна.
Сите овие мерки и активности кои ги преземаме ги даваат планираните резултати, но уште повеќе, ни даваат надеж дека до година ќе биде подобро.
А овие напори, беа препознаени и неодамна, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен овде во Скопје соопшти дека ЕУ доделува износ од 80 милиони евра во прва транша, којшто ќе биде искористен за буџетска поддршка. Европа покажува солидарност со државите од Западен Балкан, што е добро и добредојдено.
Сепак, од големо значење е регионалната соработка, бидејќи како соседни држави упатени сме и заедно да се развиваме и заедно да се справуваме со предизвиците.
Во рамки на нашите заложби за обезбедување стабилни и одржливи извори на енергија, еден од значајните меморандуми што ќе ги потпишеме денеска е токму Меморандум за соработка во секторот за енергија.
Целта е да се создаде рамка за соработка, за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, фокусирани на подобрување на енергетската безбедност во регионот и сигурно снабдување со енергија.
Со оглед на значењето на поврзувањето во развојот на економијата, ќе потпишеме и Меморандум за разбирање за развој на патната поврзаност помеѓу двете земји.
Заеднички е ставот дека треба да се вложат напори за изградба и завршување на патната инфраструктура во делот од патниот Коридор 8 кој ќе ги зајакне економските и трговските односи помеѓу двете земји. Со овој Меморандум се декларира заедничката волја да работиме заедно за постигнување на целта - поврзување на целиот Коридор 8, до 2030 година.
Денеска ќе потпишеме и други меморандуми, во многу области, ќе имаме сите прилика да ги чуеме и видиме малку подоцна.
Но она што тука би сакал да го потенцирам, а е уште еден доказ за нашата добра соработка и меѓусебната доверба е договорот за враќање на незаконски изнесени икони од нашата држава, за коишто, по завршената кривична постапка во Албанија, преку денешниот Договор, ќе се започне со постапка за физичко враќање во државава. И сето ова е само материјализација на одличната соработка меѓу државите и меѓу министерствата за култура.
На првата меѓувладина седница, беа отворени многу нови перспективи за унапредување на меѓусебната соработка. Истото го дополнивме и зајакнавме и со сите активности досега во рамките на Отворен Балкан и на Берлинскиот процес. Целта е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија.
Сето ова, и нас како земја, и како регион ќе нѐ направи далеку поатрактивни за странските инвеститори, што во крајна линија ќе значи нови фабрики, нови, добро платени работни места, ќе значи дека нашите млади ќе останат тука дома да работат, да си ја градат иднината и понатаму да го развиваат ова што ние денес го почнавме.
Соработката помеѓу Северна Македонија и Албанија е одраз на посветеноста да ги развиваме нашите држави според европските вредности на меѓусебно почитување, каде взаемната грижата за Албанците во Северна Македонија и за Македонците во Албанија, како алки што нѐ поврзуваат и зближуваат, игра многу важна улога.
Како што еднаш констатирав: зближувањето е почеток, останувањето заедно е напредок, a соработката е успех. И ако се водиме од ова, ние сме на добар пат да успееме, бидејќи сме заедно на вистинскиот, на европскиот пат.
Почитуван премиер Рама, почитувани министри од Владата на Албанија, уште еднаш, добредојдовте во Владата на Република Северна Македонија.
Јас тука ќе застанам и ќе оставам простор за мојот колега, премиерот на Република Албанија, Еди Рама“.