Ковачевски: Ова е време на солидарност не на изобилство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска учествуваше на панел дискусија „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа" во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес - Институтот за социјална демократија.
 
Премиерот Ковачевски истакна дека енергетската криза со која се соочува цела Европа и светот ни покажа дека само со меѓусебна поддршка можеме да обезбедиме стабилност на енергетскиот систем, но и да размислуваме за производство на струја од обновливи извори на енергија.

„Прво, Северна Македонија е првата која почна со трансформација на производство на електрична енергија од старите централи на лигнит на фотоволтаични централи. Прв таков проект се наоѓа во Осломеј, кадешто на старите наоѓалишта на јаглен ја имаме првата фотоволтаична централа од десет мегавати веќе пуштено во употреба.

Веќе се работи на втората а со јавно приватно партнерство веќе се договорени две фотоволтаични централи од по 50 мегавати што значи дека една лигнитна централа од 120 мегавати ќе биде заменета со фотоволтаична централа од 120 мегавати.

Не смееме да дозволиме како во времето на транзицијата луѓето да остануваат без работа бидејќи јас и тогаш сум зборувал и сега таа транзиција беше направено комплетно без концепт, затоа огромен број на работници во државата останаа без своите работни места. Тоа во овој случај нема да биде дозволено. Работниците ќе бидат тренирани и ќе работат на новите централи кои ќе се градат.

По пат на јавно приватно партнерство ќе бидат пуштени во употреба 2023 година 130 мегавати на фотоволтаични централи. Во источна Македонија веќе се инсталираат односно се монтираат 25 мегавати ветерна централа. Во текот на изминатиот месец беше пуштена најголемата од 17 мегавати централа во државата од страна на странски, словенечки инвеститор. Куриозитет е што таа централа од 17 мегавати е поголема од било која централа во Словенија, што значи дека секој инвеститор кој добро размислил знае дека подобро е да направите фотоволтаична централа во Северна Македонија која има 270 сончеви денови со температура и движење на ветер кој овозможува најголема ефикасност на централите отколку да ги направите на друго место.

Дополнително, утопија е доколку некој мисли дека лигнитни централи во текот на наредните години ќе бидат затворени. Секој кој ќе го каже тоа мислам дека прави грешка во старт, со оглед на недостатокот на електрична енергија кој го има во Европа особено на базна електрична енергија бидејќи да не заборавиме фотоволтаиците и ветрот не обезбедуваат базна енергија.

Дополнително по прв пат имаме понуда за изградба на хидро електраната Чебрен која треба да биде најголем производствен капацитет од тој тип во регионот и да обезбедува балансирање не само за електроенергетскиот систем на Северна Македонија туку и за регионалниот. Се надевам дека таа евалуација ќе заврши позитивно.

Владата веќе разговара со инвеститори со реномиран карактер, тоа се три големи инвеститори, едниот од Германија, ВПД, АКУО од Франција и Милитинеос од Грција. ВПД е во преговори за изградба на 400 мегаватна ветерна централа во североисточниот дел од Северна Македонија. АКУО за изградба на фотоволтаична централа исто така од 400 мегавати во штипскиот регион и Милитинеос за изградба на когенеративна гасна централа во Скопје кои ќе треба да дадат дополнителна електрична енергија за државата.

Со тоа би порачал на сите кои се вработени на своите работни места и во РЕК Битола и во Осломеј дека воопшто не треба да стравуваат за своите работни места бидејќи овие електроенергетски капацитети ќе продолжат со работа на среден рок. Кога водите Влада вие можете да сметате и мора да работите на инвестиции во нови производи на енергија, меѓутоа не смеете да бидете авантурист и државата да ја оставите без електрична енергија.

Дополнително тие ќе бидат тренирани за работа на новите централи кои ќе се градат.

На крајот останува да споменам дека државата обезбедува субвенција на електричната енергија од 80%. Истото се однесува на 72.000 компании коишто работат на регулираниот пазар и кои исто така добиваат субвенционирана електрична енергија сè со цел да се заштити животниот стандард и работните места на граѓаните.

Како Влада обезбедивме и директна финансиска помош и за компаниите и за граѓаните со пакети од антикризни мерки од 760 милиони евра. Со оглед на тоа дека ги поддржавме најранливите категории на граѓани во општеството, на пензионерите со најниски примања, ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари, ги зголемивме пензиите 10%. Сметам дека тоа се социјалдемократски политики кои мора да бидат применети во вакво време.
 
Ова не е време на изобилие, ова е време на солидарност“, рече премиерот Ковачевски.