Ковачевски: Кризата е можност за енергетска трансформација, Северна Македонија може да е хаб на зелена енергија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денска одговарајќи на пратеничко прашање посочи дека државата има план и стратегија за обезбедување енергетска стабилност, но и зелена трансформација на земјата. Премиерот рече дека оваа Влада е насочена кон темелни промени во сите сегменти меѓу кои и енергетиката.

„Со поставувањето на ова прашање кое доаѓа од пратеник од редовите на владејачката партија, партијата чиј лидер сум јас, уште еднаш како Влада ја потврдуваме нашата висока свест за потребата да се направат темелни промени со кои ќе го обезбедиме она што е најдобро за граѓаните и за државата е врвен приоритет. Јас веќе неколку пати јавно кажувам, еве и уште еднаш овде од собраниската говорница ќе повторам – со војната во Украина, се променија приоритетите на државите, не само на нашата, туку на сите. А темата енергетика стана една од клучните теми на кои е фокусиран целиот свет, без која не поминува ниту еден состанок, ниту една средба на лидерите од регионот и ЕУ.

Оваа војна нé натера да размислуваме за долгорочни решенија за справување со енергетската криза која последната година ја погоди цела Европа па и светот, но и да разговараме за краткорочни со кои успешно ја менаџираме енергетската и криза и неизвесност.

Ова е одлична можност да се искористат ресурсите од зелена енергија со кои располагаме ние земјите од Балканот, особено и нашата држава, но истовремено и одлична можност целиот регион да се развива како нова енергетска сила. Ова е можност заеднички да ја искористиме глобалната енергетска криза за да ги претвориме нашите држави во центар на зелена енергија што ќе го снабдуваат со струја, не само својот сопствен пазар, туку и регионот и земјите пошироко.

Но, би сакал најпластично да објаснам како изгледа таа социјално еколошка транзиција во услови на растечка инфлација, во услови на недостаток на енергенси и во услови на работа со капацитети кои се изградени пред повеќе од 40 години, во времето на Југославија.

Најголемиот удар врз дисбалансот на пазарот на електрична енергија, дојде после војната којашто Русија ја објави во Украина. При што дојде до недостаток на енергенси во Европа и тоа пред сè гасот од кој зависи и производството на електрична енергија и снабдувањето со електрична енергија. Од еден пазар на електрична енергија којшто беше стабилен, сега имаме нестабилен пазар на електрична енергија којшто нема доволно количини на електрична енергија за земјите од Европа и затоа и цената на енергенсите е толку висока.

Во такви услови, во време кога се случуваат меѓусебно поврзани кризи, она што треба да се направи според мене, треба да се базира на три принципи, а тоа е соработка, инвестиции и солидарност.

Енергетската криза која е најголема и главно како резултат на воената агресија на Русија врз Украина, ја погодува економијата, бизнис секторот, граѓаните и тоа е така насекаде во светот, не само кај нас. Енергетската криза, не само што ги погоди земјите со снабдување на струја и гас, дополнително направи некои земји да се соочат и со недостаток на храна.  

Регионот може да ја надмине енергетската криза само со тесно координиран пристап за енергетска диверзификација, како и забрзување на воведување на капацитети за производство на енергија од обновливи извори на енергија, но и извори на базична енергија, односно нови енергетски капацитети. Ние не смееме да заборавиме, никој од нас дека 30 години, 31 година без разлика која политичка опција ја водела државата, не е инвестирано во ниту еден голем енергетски капацитет во државата, а исто така не е инвестирано ниту во електро преносната мрежа во државата. Тоа се двете области во кои мора да се прават сериозни инвестиции.

Увозната зависност од енергија и енергенси се движи помеѓу 17% и 73%, во некои држави.

Кога зборуваме за енергетската диверзификација, а во контекст на војната во Украина, тука всушност разговараме за проекти за диверзификација на изворите на снабдувањето со енергија.

Веќе се работи, на поврзување на регионот со изворите на природен гас во Азербејџан, преку Трансјадранскиот гасовод ТАП, Транс анадолскиот гасовод ТАНАП, со кој регионот на Југоисточна Европа во кој спаѓа и Западен Балкан и нашата држава, ќе добијат дополнителни количини на природен гас и нема да зависат само од еден извор, односно од рускиот гас.

Северна Македонија заеднички со нашите соседи Грција и Бугарија работиме на изградба на терминал за течен природен гас во Александрополи, со кој ќе се обезбеди дополнителна диверзификација со количини на гас кои можат да пристигнат од било која држава која извезува ваков гас, како што се САД, Катар, Алжир итн.

Но, мислам дека повеќе од сигурно и извесно е дека иднината и за енергетската трансформација, но и енергетската независност е во обновливите извори на енергија.

Јас често потенцирам дека ние како земја посветени сме на енергетската транзиција, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната околина. И затоа само во мандатот на мојата Влада, пуштено во употреба имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години претходно. Тоа имаше 16 мегавати инсталирано, сега има за 10 месеци има 27 мегавати, пуштени на мрежа.

Северна Македонија има 280 сончеви денови и најдобра сончева инсулација мерена според ефикасноста на производство на електрична енергија не во регионот, не во Европа, во светот.

Јасно е дека живееме во криза, тоа е и време на можности.

Тука, во моментов ја гледам можноста да ги претвориме нашите држави во центар на зелена енергија што ќе го снабдуваат со струја не само нашиот пазар, но и пошироко.

Во моментот ние како земја сме во фаза на финализирање на преговори со неколку стратешки инвеститори за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна електрана и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција затоа што нашата иднина во производството на електрична енергија ја гледаме токму во обновливите извори на енергија. Тие преговори не се лесни, бидејќи цената на енергенсите на електрична енергија не е конзистентна, а тие договори треба да бидат 15 – 20 годишни и тимот на Владата работи на преговори со овие инвеститори кои треба да инвестираат сериозни финансиски средства во изградба на овие капацитети. Штом ќе бидат завршени сите преговори, тие стратешки инвестиции ќе бидат доставени до вас, до пратениците на финално одобрување.  

Во однос на енергетската транзиција мора да ја споменеме енергетска транзиција на нашите енергетски системи, меѓутоа мора да внимаваме и да ја направиме таа транзиција да биде колку што може поправедна. Сите се сеќаваме на приватизациите и преминот од стариот социјалистички систем во пазарни економии. Не треба да ни се случи истото и луѓето да останат на улица, без работа. Јас тоа нема да го дозволам, ниту пак Владата ќе дозволи.

Јас сум одговорен човек и Владата што ја предводам носи решителни одлуки, но ничија егзистенција и работно место нема да биде загрозено. Зборувам за работниците кои сега работат во електро енергетскиот систем.

Во Северна Македонија, ја правиме првата енергетска транзиција на термоелектраната „Осломеј“, каде веќе изградивме една фотонапонска електрана од 10 мегавати, пуштена во употреба, а веќе се во изградба 2 од 50 мегавати преку ЈП партнерство и уште една ќе започне со проектирање од 10 мегавати. Со тоа 120 мегавати енергија од јаглен ќе биде заменета со енергија 120 мегавати од сонце.

Во моментот се изработува Акциски план за праведна транзиција на Северна Македонија во која точно се таргетирани нашите два региони со јаглен и кои мерки треба да се спроведат од социјален и економски аспект.

Но напоменувам дека оваа трансформација која се одвива на повеќе нивоа секако нема да е на штета на работниците. Преку различни модалитети ќе се обезбеди и енергетската трансформација и ќе се заштитат и трансформираат работните места на работниците кои работат. При што оние кои работат ќе ги дочекаат своите пензионерски денови, но и ќе се отворат нови работни места за нови технологии кои ќе работат во новите централи каде што младите ќе можат да ја најдат својата професионална иднина.

Неодамна почна со работа најголемата фотонапонска централа во Северна Македонија со капацитет 17 МW во Свети Николоско, изградена од страна на компанијата од Словенија „Ген-И“, а во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години.

Јас ќе одам на увид заедно со германскиот Претседател за 2 дена на проширувањето на капацитетот на ветерниот парк во Германија, а исто така во Свети Николе веќе се носат турбините за 25 мегаватен ветерен парк.

Сето ова е дел од транзицијата која што е почната, ќе продолжи и ќе нé направи зелен енергетски центар на Европа“, рече премиерот Ковачевски.