Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и со директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи присуствуваа на настан по повод завршувањето на градежните работи за изградба на магистралниот гасовод на делницата Неготино-Кавадарци-Битола во должина од 92 км.
Премиерот Ковачевски во изјавата за медиумите истакна дека ова значи спојување на целата делница од Клечовце (Куманово), до Битола во должина од околу 188 километри.
„На овој начин се исполнува планот за реализација на овој дел од големиот проект за гасификација на државата. Важно е тоа што изминатите години и во услови на пандемија, сега и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза, стратешките проекти за државата се реализираат. Гасификацијата значи придобивка за граѓаните, за компаниите, за индустриските зони, а секако има големо влијание и за заштита на животната средина. Компаниите од овој регион, а и регионот на Прилеп и Битола сега можат да прават планови за користење на природниот гас во нивните производствени процеси, и на тој начин да бидат поконкурентни од компаниите во регионот. Токму овде во близина, на оваа делница ќе се гради и планираниот интерконективен гасовод со нашиот сосед Република Грција или од Неготино – до граница со Грција во должина од 67км. Сега ќе имаме пристап до природен гас од целиот свет, од сите држави кои го произведуваат да може да се донесе до Северна Македонија. Во Грција работи веќе еден терминал на течен природен гас на островот Равитуса, дополнително ние ќе бидеме еден од акционерите во терминалот за течен природен гас во Александруполи и со тоа обезбедивме закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени“, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски истакна дека денеска во Кавадарци го финишираме проектот со заварување на последната цевка од магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола, со што оваа делница комплетно ја затвораме.
„Вредноста на овој проект кој го поврзува централниот дел од државата со Пелагонискиот Регион изнесува преку 36 милиони евра и претставува еден од најзначајните капитални инвестиции во нашата држава.
Оваа енергетска криза сите не натера побрзо да транзитираме кон други извори на енергија, веруваме дека со изградбата на гасоводот во државата значително ќе влијаеме врз намалување на трошоците на компаниите и граѓаните", рече Бочварски.
Директорот на НЕР, Реџепи рече дека со потребните технички тестирања и испитувања, ќе почнеме со постапката за добивање на употребната дозвола.
„Ги правиме сите напори, тоа да биде брзо и конечно наредната зима, целиот централен и Пелагониски Регион, да имаат пристап и да можат следните години да користат природен гас, како еколошки, економски и едноставен енергенс за користење. На оваа делница ќе се приклучи и новиот интерконектор со Република Грција, кој треба да почне да се гради наредната година и заврши до крајот на 2024 година. Со тоа ние ќе им овозможиме на нашите снабдувачи и трговци да имаат повеќе извори за снабдување. Со тоа креираме и стабилност и диверсификација и поевтини извори за снабдување, значи ќе имаме директна конекција и до ТАП, и до ЛНГ терминалите во Грција. Се надевам дека и договорот за ЈПП, за изградба и оперирање на дистрибутивната мрежа за природен гас, ќе биде потпишан до пролет, и со тоа да се почне масовната изградба на дистрибутивната мрежа на 38 општини во државата, со што голем број на домаќинства, индустрии, итн. ќе имаат можност да користат природен гас“, рече Реџепи.
Во изминатиот период, со посветена работа на директорот на НЕР Бајрам Реџепи и на сите вработени во НЕР успешно е завршена реализацијата на делниците Штип-Неготино 36км и делницата Неготино- Кавадарци-Битола со должина 92км. Делницата Скопје-Тетово-Гостивар 76км и кракот Тетово од 10км, е во завршна фаза и се очекува наскоро да заврши, таму најголемиот дел од работата е завршена.
Изјава на премиерот Ковачевски на настан по повод изградба на магистрален гасовод-заварување на последна цевка на ЛОТ 2
„Почитуван министер Бочварски,
Почитуван директор на Национални енергетски ресурси, Реџепи,
Почитувани изведувачи,
Почитувани присутни, претставници на медиумите …
Денес, се завршуваат градежните работи за изградба на магистралната гасоводна делницата Неготино- Кавадарци-Битола во должина од 92 км. Со ова, ја спојуваме целата делница од Куманово до Битола во должина од 188 километри.
Се исполнува планот за реализација на големиот проект за гасификација на државата. Во изминатиот период, со посветена работа на сите вработени во НЕР успешно е завршена реализацијата на делниците Штип-Неготино во должина 36км и делницата Неготино- Кавадарци-Битола во должина 92км.
Делницата Скопје-Тетово-Гостивар 76км и кракот Тетово од 10км, е во завршна фаза и се очекува наскоро да завршат градежните работи и таму.
Важно е тоа што изминатите години и во услови на пандемија, сега и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза, стратешките проекти за државата се реализираат. Гасификацијата значи придобивка за граѓаните, за компаниите, за индустриските зони, а секако има големо влијание и врз заштита на животната средина.
Компаниите од овој регион, а и регионот на Прилеп и Битола сега можат да прават планови за користење на природниот гас во нивните производствени процеси, и на тој начин да бидат поконкурентни од компаниите во регионот.
Токму овде во близина, на оваа делница ќе се гради и планираниот интерконективен гасовод со нашиот сосед Република Грција, од Неготино – до границата со Грција во должина од 67км. Очекувам во текот на наредната година, да започне и изградбата на овој интерконективен гасовод. Проектот е усогласен со националните цели и приоритети и е во согласност со политиките на Европската Унија.
Со овој проект, и со досега завршените делници Република Северна Македонија ги исполнува условите да биде транзитна земја, но и да заработува од транзитот на природен гас. Ова го кажувам бидејќи веќе се работи на техничка документација на нови интерконективни гасоводи со Србија и со Косово, за што веќе добивме поддршка од енергетската заедница. Со овој проект добиваме пристап до природен гас од Азербејџан, односно од наоѓалиштето во Шах Денис и истиот ќе се користи и во Северна Македонија, а и во земјите од регионот.
Диверзификацијата е најзначаен сегмент за обезбедувањето на енергетската сигурност на една држава, а ние токму тоа го правиме. Наместо, да бидеме зависни од еден извор на гас и секоја година да е неизвесно каква цена ќе добиеме и за која количина, ние обезбедуваме предвидливост за нашата економија.
Сега ќе имаме пристап до природен гас од целиот свет, од сите држави кои го произведуваат. Во Грција работи еден терминал на течен природен гас на островот Ревитуса, а ние ќе бидеме еден од учесниците во изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи. Со тоа обезбедивме закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени.
Официјално во употреба беше пуштен и гасоводот помеѓу Грција и Бугарија и на тој начин ни се отвора можноста и за складирање на одредена количина на природен гас и во Чилен во Република Бугарија. Сите овие чекори и политики на добрососедство што ги направивме во изминатите години, на крај ќе се ефектуираат во придобивки за граѓаните и македонската економија.
Гасификацијата не само што ќе има влијание врз заштитата на животната средина, туку се очекува да влијае и врз падот на цената на енергенсите, како и на зголемување на конкурентноста на компаниите и на отворањето на нови работни места.
Сите знаеме дека во тек е постапката за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас, очекувам во текот на првата половина од наредната година и тоа да се заврши и гасот да стане придобивка за сите.
Сега можеме да градиме и гасни електрани за производство на електрична енергија, посебно во РЕК Битола, која треба да произведува и електрична енергија и топлина, имајќи предвид дека веќе во изградба е и топловодот кон Битола.
Енергетската транзиција продолжува, инвестициите во обновливите извори на енергија се врвен приоритет на Владата, и тие веќе и во пракса се случуваат. Ја обезбедуваме потребната стабилност и баланс на енергетскиот систем. Со посветеност и напорна работа, нема недостижна цел.
Ви благодарам и уште еднаш честитки за успешната и посветена работа на сите инволвирани во процесот особено на компаниите кои учествува во негова изградба, односно НЕР но и сите компании кои учествуваа во изградбата.