Во пресрет на 29-от Министерски совет на ОБСЕ, која ќе се одржи во период од 1-2 декември 2022, во Лоѓ, Полска, денес министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија, на Република Полска и Кралство Шведска, Бујар Османи, Збигњев Рау, Тобиас Билстром одржаа состанок како дел од Тројката претседавачи со ОБСЕ. На средбата учествуваше и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит.
Во фокус на координативниот состанок беше изнаоѓањето на континуитетот на заедничката работа и решенија за справување со актуелните ситуации, предизвикани од неоправданата агресија од страна на Русија врз Украина, и двете земји учеснички на најголемата европска безбедносна организација.
Во овој контекст, Османи говореше за заложбите на земјата при своето претседавање со ОБСЕ од први јануари 2023, со цел да ги врати на виделина темелните вредности на ОБСЕ, како уникатна платформа за комуникација и дијалог, со цел намалување на тензиите, поттикнување на предвидливоста и одржливоста.
“За време на нашето претседавање ќе се фокусираме во зачувувањето на клучните вредности и принципи на ОБСЕ, продолжувајќи да направиме разлика во терен и да ја вратиме стабилноста преку ревитализација на дијалогот”, истакна Османи.
На денешната агенда на Османи во Лоѓ, беше и ОБСЕ- Паралелната конференција на цивилното општество 2022, која се одржи во Универзитетот за технологија во Лоѓ. При своето обраќање, нагласи дека соработката на ОБСЕ со невладиниот сектор ќе биде еден од клучните темели во 2023 година.