Ефектите од социјалната реформа што ја спроведува Владата На Република Северна Македонија преку Министерството за труд и социјална политика достапни за младите семејства од Општина Крива Паланка. При проширувањето на капацитетите на градинката „Детелинка“ со новиот објект „Поточиња“ се создадоа дополнителни 102 места за згрижување на дечиња од предучилишна возраст, со што значително се прошируваат капацитетите за оваа социјална услуга во општината. Постојниот објект на градинката „Детелинка“ во Крива Паланка преку надградбата доби пет нови занимални, од кои една е наменета за деца до двегодишна возраст, а останатите четири се за хетерогени групи на деца на возраст од две до шест години. При изведбата на градежните зафати користени се современи градежни материјали кои овозможуваат висока енергетска ефикасност на објектот.
Во надградбата на објектот инвестирани се речиси 27 милиони денари, од кои повеќе од 22 милион денари се вложени во градежните работи, а околу 4,7 милиони денари во набавка на мебел и опрема.
На свеченото отворање на градинката присуствуваа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, директорката на ЈОУДГ „Детелинка“, Мирка Јакимовска, вработени, родители и граѓани од оваа општина.
Пред присутните, министерката Тренчевска подвлече:
„Нема поголемо задоволство за мене кога ги гледам плодовите од напорната работа, како и заедничката соработка со општините. Особено ми е драго кога станува збор за инвестиции во предучилишното образование и унапредување и зголемување на капацитетите на градинките. Ние, како Министерство и Влада, сме целосно посветени на решавање на горливите прашања на родителите за згрижување на нивните деца и оттука наша обврска е да инвестираме токму на тоа поле. Затоа, денеска со голема чест и задоволство сум тука за отворањето на градинката, која е особено значајна за локалната заедница. Со надградбата на стариот објект, кој е граден далечната 1973 година, го зголемуваме нејзиниот капацитетот и се подобруваат условите за престој на дечињата. Истовремено преку овие активности директно придонесуваме кон решавање на проблемот со листите на чекање во оваа општина“.
Овие активности во градинката во Крива Паланка се реализираат во рамки на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги реализиран со поддршка од Светска банка и е дел сеопфатната социјалната реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика. Преку оваа компонента се овозможува зголемување на опфатот на деца и се унапредуваат условите во градинките.
Надградбата на градинката во Крива Паланка е реализирана во соработката со општината, која доби грант за проширување на објектот, а обезбеди и дополнителни средства, во износ од речиси 1,9 милиони денари.
„Меѓу нашите врвни приоритети се подобрување на условите во општината и создавање на нови можности со што ќе ја направиме Крива Паланка подобро место за живеење и ќе ги задржиме младите. Преку партнерскиот однос со Министерството за труд и социјална политика, решивме еден голем проблем кој постоеше во општината, а тоа се листите за чекање за запишување на децата во градинка. Сега не само што има доволно место за сите дечиња во општината, туку тие ќе престојуваат во модерен објект изграден според најновите стандарди и нормативи за ваков вид објекти. Дополнително, објектот овозможува и поголема заштита на животната средина, со оглед на тоа што со градежните зафати беше заменет застарениот систем за греење на дрва, со нов современ систем за греење на пелети“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Надградбата на градинката е опремена со соодветен ентериер кој ќе овозможи и поттикне учење преку игра, што е од исклучително значење за воспитно-образовниот процес на децата од претшколска возраст. Покрај надградбата, општината инвестираше и во подобрување на условите во постојниот капацитет при што беше променет системот за загревање, се замени фасадата на објектот, со нова термо-енергетска, а се изврши и промена на столаријата и на кровната конструкција. За таа цел се обезбедени дополнителни 15 милиони денари кои се обезбедени делумно од сопствени извори, а останатите преку Министерството за економија и како донации од Норвешката Амбасада и ФООМ.
За зголемување на квалитетот на услугите во градинките се реализираат и обуки за кадарот во градинките и центрите за ран детски развој. На тој начин се создаваат подобри основи за имплементација на новите наставни програми. Овие обуки ќе продолжат и во следниот период.
„Навистина сме горди што создадовме квалитетни услови за нашите дечиња, кои ќе можат да се стекнат со солидни знаења и вештини во рамките на воспитно-образовните програми за деца од претшколска возраст“, истакна Мирка Јакимовска, директорка на ЈУОДГ „Детелинка.
Досега преку Проектот за подобрување на социјалните услуги е финансирана изградба, реконструкција или надградба на 16 градинки во државава, од кои 8 се веќе започнати со работа, со што се обезбедува нов капацитет за згрижување на деца од предучилишна возраст капаците од приближно 2000 места.