„Најдобриот одговор на денешната безбедносна реалност е градењето на една сеопфатна општествена отпорност, преку засилена соработка особено преку регионални и меѓу-регионални иницијативи како што е Грац-форматот“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот состанок во Кремс, Австрија на кој учествуваа министрите за одбрана на Австрија и петте балкански земји-Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Министерката порача дека руската агресија врз Украина, вклучувајќи ги и нападите врз украинската инфраструктура, претставуваат базично непочитување на меѓународното право и непочитување на Повелбата на Обединетите Нации. Северна Македонија, рече Петровска, од првиот момент ја осуди оваа инвазија и даде целосна поддршка на Украина и украинскиот народ во заштитата на својата независност и сувереност.
„Постојаните напади врз инфраструктурата во Украина покажуваат дека земјите мора да се фокусираат токму на градењето на отпорност, размената на информации и на научени лекции како подобро да се организираат во заштитата на критичната инфраструктура и есенцијалните услуги за граѓаните, но и економиите“, подвлече Петровска.
Министерката се осврна и на неколку модули за развој на клучен персонал организирани во овој формат, како Регионалниот курс за стратешко лидерство и Курсот за цивилно-воен кризен менаџмент, за кои рече дека се одлична можност претставниците на земјите да работат заедно, да разменуваат идеи како да се справиме со предизвиците и како да ги развиваме вештините на нашите идни лидери.
Во контекст на растечките закани, министерката ја спомена и борбата со дезинформациите и хибридните закани, при што информираше за реализацијата на првиот пилот – курс за справување со дезинформации и градење отпорност во НАТО-партнерскиот центар во Северна Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста.
„Главната цел на овој Курс е да развиеме способности за детекција и справување со дезинформациите, мисинформациите и пропагандата кои се сериозна закана за нашите современи општества“, рече министерката и додаде дека овој курс на меѓународно ниво ќе биде достапен во втората половина на следната година.
Соработката во форматот Грац е иницирана од Австрија во 2018-та година, како начин за засилување на безбедносната соработка со земјите од Западниот Балкан, за што беше потпишана и Заедничка декларација. Овој формат има за цел да овозможи поинтензивен дијалог и соработка во справувањето со современите предизвици како миграцијата, хибридните закани, потоа учеството во операциите на Европската Унија, градењето на капацитети и приближувањето на регионот кон Европската Унија.