Три економски проекти во фокусот на средбата Груевски-Џиабао

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 15.05.2012 година), во Пекинг, оствари работна средба со премиерот на Народна Република Кина, г-дин Вен Џиабао, која е втора средба во рок од две седмици, и трета во последните две години.

Двајцата премиери го реафирмираа високото ниво на добри политички односи кои владеат меѓу двете земји кои се карактеризираат и развиваат во дух на пријателство, меѓусебно разбирање и со висок степен на доверба.

Соговорниците ја истакнаа подготвеноста и заложбата за унапредување и интензивирање на економските односи, засилување на економската соработка, зголемување на трговската размена и соработка на полето на инвестициите.

Премиерот Груевски информираше за реформите и модернизацијата кои се спроведуваат во нашата земја. Од наша страна беше изразена благодарност за доследната и конструктивна поддршка на НР Кина на Република Македонија и за принципиелната употреба на уставното име во билатералните односи и на меѓународен план.

Претседателот на Владата го акцентираше и го запозна соговорникот со економскиот аспект на посетата и презентирањето на можностите за привлекување на кинески инвестиции во Македонија, како и за средбите кои беа остварени изминативе два дена со претставници на кинеските компании.

Во однос на иницијативата на премиерот Џиабао за потесна соработка на економски план помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа и алоцирање на 10 милијарди долари средства на кинеската Влада за финансирање проекти, премиерот Груевски истакна дека Република Македонија во целост е подготвена да учествува во неа со полн капацитет.

На средбата акцент беше ставен на три проекти, за кои премиерот Груевски во изминативе два дена имаше разговори со кинеските компании и стопански комори, од кои што еден е крупен проект од областа на енергетиката, а вториот е од областа на изградбата на патишта. Третиот проект е за изградба на индустриски парк само за кинески компании во нашата земја, при што детално беа презентирани предностите и условите кои се од големо значење за одлуката кинеските компании своите бизниси за покривање на потребите на европскиот пазар да ги лоцираат и да инвестираат во Република Македонија. Покрај овие проекти, беа презентирани и неколку помали по вредност проекти, за кои е изразено првично позитивно расположение и за кои може да дојде до идна конкретна соработка помеѓу македонската и кинеската страна.

Премиерот Џиабао ја изрази подготвеноста на кинеската Влада за поддршка и охрабрување на кинеските компании да инвестираат во Република Македонија и да ги искористат можностите и предностите кои нашата земја ги нуди на инвеститорите. Како позитивни посебно ги истакна мерките во областа на индустриските зони, при што потенцираше дека Македонија има направено голем напредок во оваа област. Премиерот Џиабао ја истакна и заложбата и можноста за засилен ангажман од кинеските власти во областа на финансиската и техничката поддршка на кинеските компании кои би биле заинтересирани за инвестиции во Македонија, и за остварување на напредок во конкретните проекти кои беа предмет на разгледување на средбата за кои што, исто така, беше изразена позитивна оценка. Од кинеска страна беше изразен и сериозен интерес за продолжување на контактите и остварување дополнителен прогрес и во однос на проектите, и на останати различни нивоа во економската соработка.