Средба Ковачевски - Рено-Басо: Со одговорен пристап Северна Македонија го штити животниот стандард во услови на енергетска криза

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Одил Рено-Басо. На средбата се дискутираше за активностите на Европската банка за обнова и развој во Северна Македонија, како и за можноста за поддршката на ЕБРД преку разни инвестициски проекти во земјава во следниот период.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност на претседателката на Европската банка за обнова и развој, Рено-Басо поради активната улога на ЕБРД и посветеноста за поддршка на Владата на Република Северна Македонија во подготовката и имплементацијата на приоритетните проекти.

Во фокусот на средбата беше и енергетската криза. Премиерот Ковачевски ја информираше претседателката на ЕБРД, Рено-Басо дека за Владата на Република Северна Македонија клучно е одговорното однесување во услови на енергетска криза, и нагласи дека Владата активно работи во насока на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.

„Внимателно го следиме развојот на настаните и развиваме соодветни сценарија за можните исходи. Буџетот е ликвиден и реагираме соодветно со буџетските средства со цел да ги надминеме кризните ситуации. Исто така, имаме инструменти кои можеме да ги активираме за да се адаптираме на поголеми потреси на пазарот“, истакна премиерот Ковачевски на средбата со претседателката на ЕБРД, Рено-Басо. Премиерот Ковачевски ја информираше претседателката на ЕБРД, Рено-Басо за мерките кои Владата ги презема со цел да се справи со енергетската криза, како што се ослободување на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата; пониски трошоци за производство на електрична енергија од страна на електраните; финансиска поддршка на ранливите категории граѓани, како и директна финансиска поддршка на домашните државни компании со цел да се обезбеди домашно производство на електрична енергија.

На средбата се разговараше и за поддршката на ЕБРД во наредниот период, како и за ЕУ интегративниот процес.

Европската банка за обнова и развој е активна во Република Северна Македонија од 1993 година. До денес ЕБРД има одобрено 167 проекти во износ од 2.504 милиони евра, од кои 86% од средствата се наменети за проекти во јавниот сектор, додека останатите се проекти во приватниот сектор.