Вицепремиерот Џафери се сретна со неговиот австриски колега Спинделегер

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери денеска во Виена се сретна со неговиот колега и министер за надворешни работи и евроинтеграции, Михаил Спинделегер.

Двајцата вицепремиери, како што соопшти владината прес-служба,  констатирале дека односите меѓу двете држави се добри, особено политичките. Џафери и неговиот колега заклучиле дека е потребно интензивирање на економската соработка и трговската размена.

Процесот на интеграција во ЕУ, имплементирањето на Охридскиот договор и актуелната состојба во земјава и регионот, биле темите за кои разговарале Џафери и Спинделегер.

Вицепремиерот Џафери на средбата истакнал дека поддршката на Австрија за интегрирањето на Македонија и регионот во ЕУ е многу значајна. Тој истакнал дека во реализирањето на оваа цел повеќе од потребно е решавањето на спорот со името со Грција и побарал поголемо ангажирање на Австрија и другите членки на ЕУ.

- Разговаравме за актуелната состојба кај нас, за интегрирањето на Македонија во ЕУ и за прашањето за изнаоѓање компромис со Грција, кое е една од пречките бидејќи, блокадата создава несакани ефекти за населението во целина. Инсистирав Спинделегер да ги инволвира повеќе неговите европски колеги, министрите за надворешни работи и другите да бидат поактивни на Западен Балкан, во Македонија и Косово, каде состојбата е почувствителна и може да излезе од контрола,  и да преземат нешто за да не се дозволи состојбата да ескалира, изјави Џафери.

Спинделегер бил зинтересиран за последните настани кои се случуваат, за тоа како да се надминат и колку можат да бидат штетни за имиџот и за меѓуетничките внатрешни односи.

Џафери и Спинделегер разговарале и за зачленувањето на Македонија во НАТО и за Самитот во Чикаго.

- Тоа е прашање за кое постојано се разговара. Иако Австрија не е формално членка на НАТО, туку има само соработка, партнерство, многу австриски војници беа и се на Косово во служба на мирот. Од позиција на држава која не е членка, можеби е уште пообјективно да посредува. Самитот во Чикаго не е самит за проширување, тој е редовен Самит и само блокадата на Грција ја спречува Македонија да ги почне процедурите за формално зачленување во НАТО, истакнал вицепремиерот Џафери.

Тој во Виена ќе учествува на Втората годишна конференција на Центарот за дијалог и соработка (CGDC).