Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа работна средба со раководствата на СВР Тетово, СВР Охрид, како и Регионалниот центар Запад со цел согледување на сработеното како и лично запознавање со реализираните активности во 2022 година и постигнатите резултати. На средбата министерот Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјата на СВР Тетово, СВР Охрид и Регионалниот центар Запад, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат, во насока на намалување на стапката на криминалитет, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел - подигнување на безбедноста и заштита на граѓаните.
Министерот Спасовски напомена дека на територијата на СВР Тетово во периодот јануари - ноември 2022 година, споредбено со истиот период во 2021 година, вкупниот криминалитет бележи намалување за 7 проценти.
„Она што посебно би сакал да го истакнам и што бездруго охрабрува е дека севкупната ефикасност во откривачката функција годинава е значително зголемена и се движи околу 78 проценти. Позитивен тренд во 11-те месеци годинава е присутен и во областа на безбедноста во сообраќајот. Во овој период санкционирани се 24.304 сообраќајни прекршоци, од кои најбројни се за брзо возење (3602), а за одбележување е и податокот дека намален е бројот на сообраќајни несреќи за 3 проценти што се должи на континуираните акциски контроли, реализирани во и надвор од населените места, не само дење, туку и во ноќните часови, со користење на таканаречен ноќен радар“, истакна Спасовски.
Што се однесува за територијата на СВР Охрид, Спасовски истакна дека стапката на криминалитет во периодот јануари - ноември 2022 година, споредбено со истиот период 2021 година е намалена за 14,4% а зголемена е откривачката дејност со што e постигната ефикасност во расветлувањето од 3,3 % повеќе во споредба со ланската година. „Во делот на класичниот криминал бележиме зголемување на ефикасност во расветлување на кривичните дела за 8% во споредба со ланската година и намалување на регистрирани кривични дела од 9 %. Во областа на сообраќајот за 11 месеци во 2022 година компаративно со ланската година имаме намалување за 4% во однос на сообраќајни незгоди“, дециден беше Спасовски.
За територијата која е во надлежност на Регионалниот центар Запад Спасовски потсети дека делот на откривање на прекуграничниот криминал и илегалната миграција бележиме покачување од 95 %. „Во однос на откривачката дејност, откриени се четири парцели насадени со марихуана при што се запленети 524 стебла со зелена тревкаста материја. Годинава преземавме и низа активности по водите на Охридско Езеро и на копно со цел откривање на незаконско влегување и шверц на стока, откривање на Кривични дела „Незаконит риболов“ и прекршоци од Закон за внатрешна пловидба и Закон за рибарство и аквакултура, при што бележиме покачување од 91%“, истакна министерот, додавајќи дека во периодот јануари - ноември 2022 година, споредбено со истиот период минатата година регистрирано е зголемување на протокот на патници за 27 %.
Министерот Спасовски изрази уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи со зголемена динамика при реализација на превентивните активности, но и на репресивните мерки, па со добри резултати во поглед на ефикасноста ќе ја испратиме оваа година, што ќе биде дополнителен мотив за уште подобри резултати во годината што следи.