Пешевски: Договорен е извоз на македонско вино во Кина
Најголемиот кинески дистрибутер на вино ќе потпише договор со девет винарски визби од Македонија за извоз на македонското вино во Кина.
Како што изјави за МИА вицепремиерот Владимир Пешевски, Фу Сјуе Ју, претседател на кинеска дистрибутивна винска компанија која за потребите на Кина увезува вино од целиот свет и која има повеќе од 600 дистрибутивни единици, на синоќешната презентација и дегустација во рамки на бизнис форумот во Ченгду, изразил особено задоволство од квалитетот на македонските вина и покажал сериозен интерес за продлабочување на соработката со македонските компании.
- За време на бизнис-форумот во Ченгду беше направена презентација на македонските вина на голем број дистрибутери во Кина, но еден од најголемите од нив што има преку 600 продавници - дистрибутивни центри во Кина беше прилично задоволен од квалитетот и беше договорено дека со сите девет винарии од Македонија ќе потпише договор за извоз на македонското вино од Македонија во Кина, рече Пешевски.
Со тоа, додаде, Владата ќе им помогне и на винската индустрија и на производителите на грозје, но генерално и на македонската економија, ќе придонесе Кина повеќе да се запознае со она што се произведува во Република Македонија.
Во рамки на форумот беа остварени состаноци со повеќе компании од областа на енергетиката, електро и градежната индустрија, недвижностите, како и транспортните системи. Сите се согласиле, информира вицепремиерот, дека е доволно интересно да дојдат во Република Македонија и да ги продолжат разговорите за реализирање на некои од потенцијалните инвестиции кај нас.
Во македонската делегација што ја предводеше Пешевски на деловниот форум во Ченгду, беа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида. Бизнис форумот го организираше Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка (ЦЦПИТ).
Владиниот тим денеска, предводен од премиерот Никола Груевски, присуствуваше на бизнис форумот во Чингдао, 5 милионски град во источна Кина, познат по брзиот економски развој од просечни 10 отсто раст годишно.
Во Чингдао се развиени индустриите за информатичка технологија, електроника, автомобилска индустрија, петрохемија, производство на храна и пијалоци.
На бизнис форумот присуствуваа претставници на над 100 кинески компании од регионот на Чингдао.
Претседателот на Владата Груевски ги повика кинеските стопанственици да инвестираат во Македонија. Тој се осврна на можностите за бизнис, нагласувајќи дека двете земји се посветени на промовирање на инвестициите во инфраструктурата, земјоделството, образованието и туризмот како нови поени на растот во билатералната соработка.
- Постојат голем број тековни инвестициски проекти за подобрување на физичката инфраструктура како што се модернизација на енергетскиот сектор и останатата физичка инфраструктура, каде што кинеските компании може да играат значителна улога, рече Груевски во обраќањето.
Премиерот воедно ги истакна поволностите кои Македонија ги овозможува на инвеститорите и го акцентираше најнискиот даночен пакет во Европа, даночните ослободувања, поддршката што ја дава државата за инвестиции во технолошко- индустриските развојни зони и субвенциите за трошоци за изградба или обука за усовршување на вработените. Груевски го потенцира и проширувањето на пристапот до високото образование, особено во науките како математиката, информатичката технологија, зголемената употребата на компјутери и користењето интернет во државните училишта и универзитети, како предност во создавањето квалификувана работна сила потребна за инвеститорите.
Од име на домаќинот се обрати потпретседателот на градот Чингдао, Лиу Минџунг, кој ги истакна неговите уверувања за воспоставување продлабочени односи меѓу компаниите од Чингдао и нашата земја.
- Република Македонија е балканска земја позната по долгата историја, пријатните луѓе и изобилството на природни богатства. Македонија и Чингдао можат да имаат иднина во соработката на разни сектори вклучувајќи го земјоделството, инфраструктурата, образованието и туризмот, напомена Минџунг.
Вицепремиерот Пешевски заборуваше за конкретни проекти од областа на енергетиката, рударството и туризмот, министерот Самак ги истакна макроекономските индикатори кои гарантираат добра клима за реализација и оплодување на бизнисите, додека директорот на Агенцијата за странски инвестиции Фида се задржа на опциите за инвестирање од областа на автомобилската и фармацевстката индустрија и инвестициските можности во земјоделскиот сектор.
Македонската делегација во рамки на посетата на Кина ги презентираше поволностите за инвестирање пред бизнис заедниците во Пекинг и Ченгду, а утре и задутре продолжува во Шангај и Хонг Конг.