Министерот Попоски се сретна со турскиот претседател Ѓул

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во рамки на вториот ден од посетата на Република Турција се сретна со турскиот претседател Абдулах Ѓул, со министерот за европски прашања во турската Влада Егемен Багиш, како и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Големото народно собрание Волкан Боздаг, соопшти Министерството за надворешни работи.

На средбата со турскиот претседател било изразено задоволството од високото ниво на севкупните политички односи меѓу двете земји.

- Претседателот Ѓул особено се осврна на претстојниот самит на НАТО во Чикаго, истакнувајќи ја целосната поддршка што Република Турција ја има кон интеграцијата на Република Македонија во НАТО и го повтори решителниот став дека е потребно таа што поскоро да стане полноправен член на НАТО, за што лично ќе се заложи и на престојниот самит во Чикаго, се вели во соопштението од МНР.

Министерот Попоски го нагласил значењето на традиционално добрите односи и поддршката изразена во повеќе сфери од заеднички интерес.

- Тој потенцираше дека има значаен простор за зголемување на нивото на соработка, посебно на економски план, како од аспект на инвестирање во Република Македонија на заинтересирани турски инвеститори, така и за отворање на турскиот пазар за македонски производи, што сигурно ќе придонесе за поголема трговска размена меѓу двете земји, стои во соопштението.

На средбата со министерот за европски прашања Багиш биле разменети мислења и искуства во однос на европските интегративни процеси, што. како што било истакнато, претставува надворешно-политички приоритет и на двете земји. Притоа, била изразена заемна подготвеност за потпишување Договор за соработка меѓу Македонија и Турција за соработка во контекст на европските интегративни процеси.

На средбата со Претседателот на Комисијата за надворешни работи во Големото народно собрание на Република Турција, Волкан Боздаг, се разговарало за плодната и одлична билатерална соработка меѓу парламентите на двете земји.

Министерот Попоски денеска одржа и предавање на Институтот за економски и политички истражувања - ТЕПАВ. Притоа, фокусот го наочил кон потребата од интензивирање и зајакнување на регионалната соработка, кон реализирање на проектите од регионално значење, соработката во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и за  европските и евроинтегративните процеси на Република Македонија.