Владина делегација на бизнис форумот во кинескиот град Шангај

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции, г-дин Веле Самак, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Висар Фида, денеска(четврток, 17.05.2012 година) присуствуваа и се обратија на бизнис форумот во кинескиот град Шангај, 22 милионски град во источна Кина, чиј економски раст за минатата година е 8% и во кој се развиени сите индустриски гранки.

Претходно, владината делегација оствари посета и средба со менаџерскиот тим на компанијата „Хуавеј“, која се занимава со информатичко-комуникациска технологија. На средбата беа разменети мислења за опциите за конкретна соработка и беа презентирани поволностите за инвестиции во нашата земја. Двете страни се согласија во идниот период да се направи проект и анализа за можноста за отворање на формално претставништво, или друг вид на присуство на „Хуавеј“ во Македонија, со што би се создале можности за понатамошно конкретизирање на соработката и развој на односите. Од кинеска страна позитивно беа оценети мерките и активностите за поддршка на инвестициите и беше изразен интерес за дополнителни анализи и истражувања на понудените опции.

Претседателот на Владата, Груевски, заблагодарувајќи се на Стопанската комора на Шангај за организацијата на настанот, на кој присуствуваа претставници на над 150 кинески компании, во своето обраќање ги истакна поволностите кои Македонија ги нуди за реализација на инвестиции и бизниси, акцентирајќи ги најнискиот даночен пакет во Европа и ниските трошоци за работа. “Македонија има најнизок даночен пакет во Европа, а вкупните трошоци за реализацијата на бизнисот се многу ниски. Поседуваме квалификувана и образувана работна сила која може да придонесе во бизнис резултатите на вашите компании” истакна Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека добрите политички односи би требало да резултираат со зголемување и на економската соработка меѓу Македонија и Кина. “Она што ме поттикнува е дека постои силна посветеност на двете страни за зајакнување на економската соработка. Пред десетина дена во Варшава, јас и петнаесет други премиери од Централна и Источна Европа потпишавме коминике со премиерот Вен Џиабао, за истакнување на важноста од воспоставување на поблиски економски врски. Нашата денешна посета е јасен показател за подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на трговијата и инвестициите”, изјави македонскиот премиер во своето обраќање.

Груевски ги повика кинеските бизнисмени да ја посетат Македонија и да се уверат на лице место во поволностите кои Македонија ги нуди на компаниите, додавајќи дека Владата секогаш ќе биде расположена да излезе во пресрет на инвеститорите и да даде поддршка на нивните интереси.

На форумот се обрати и г-дин Чен Фуронг, претседател на Стопанската комора на Шангај, кој ја истакна својата поддршка на интензивирањето на контактите на компаниите од Шангај со Македонија. “Република Македонија, која е лоцирана во централниот дел на Балканот, отсекогаш претставувала значаен канал за трговија и поседува значајни минерални суровини. Ние активно ќе ги охрабруваме кинеските и шангајските компании и индивидуалци да инвестираат во Македонија. Шангај со својата развиена индустрија, трговија и услужни дејности, може да и помогне на Македонија во многу области. И сега има кинески компании кои имаат инвестиции во Македонија и постигнуваат голем успех”, истакна Фуронг.

Вицепремиерот Владимир Пешевски во својата презентација се осврна на макроекономските индикатори кои нудат добра перспектива за предвидливо и стабилно опкружување, со што постои амбиент инвестициите кои би биле реализирани да бидат доходовни и исплатливи. Тој се осврна на енергетските проекти и на можноста за искористување на рудниот потенцијал.

Министерот Веле Самак ги акцентираше проектите за развој на туристичко-угостителските зони, а ги презентираше и можностите за инвестиции во автомобилската, фармацевтската и прехранбената индустрија.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида детално ги елаборираше поволностите на индустриските зони, даночните ослободувања за компаниите во нив и поддршката на државата во инвестицијата преку учество во изградбата на капацитетите и инфраструктурно инвестирање за потребите на компаниите.

Владината делегација, од Шангај заминува за Хонг Конг, каде што во текот на утрешниот ден ќе присуствува на бизнис форум во градот.