Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретнаа со децата згрижени во мал групен дом во Скопје. Ковачевски и децата разговараа за училишните и секојдневните предизвици со кои се соочуваат, за нивната иднина, како и позитивните промени кои малите групни домови ги имаат направено за нивна ресоцијализација. Децата споделија убави семејни моменти со премиерот, посочувајќи дека сите кои се сместени овде заедно со нивните воспитувачи функционираат како едно семејство, добивајќи ја потребната грижа и поддршка.
Формирањето на мали групни домови овозможи премин од систем за социјална грижа заснован на големи и сегрегирачки институции кон систем на социјални услуги во заедницата за достоинствен живот на секое дете.
Процесот на деинституционализација се покажа како успешен проект бидејќи малите групни домови не се само место за живеење туку место во кое децата се социјализираат, создаваат чувство на семејна грижа, позитивни животни навики. Преку групните домови се создава чувство на љубов. Групните домови се средини во кои се овозможува правилен раст и развој на децата, како и подготовка на децата да бидат независни и самостојни во понатамошниот живот.
Премиерот на децата им додели новогодишни подароци.