Ковачевски за „Фокус": Со домашно производство на електрична енергија се покриваат 100% домаќинствата, а дополнителните снабдувања со над 90%

„Би рекол дека досега успешно го менаџираме процесот и енергетската криза. Откако настапи енергетската криза, Владата го задолжи АД ЕСМ да преземе снабдување на значаен дел и на слободниот пазар за да им испорача енергија по пониска цена на голем број економски субјекти, наместо тие да купуваат струја по енормно високи цени на берзата" рече премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за новогодишното издание на „Фокус“.

Премиерот Ковачевски истакна дека разликата од берзанската цена со цената што ја плаќаат крајните потрошувачи ја субвенционира Владата преку државниот Буџет, според предвидениот Буџет за оваа грејна сезона, а со оглед на големиот раст на цените на јагленот, мазутот и самата електрична енергија.

„Овие средства се префрлуваат плански и сукцесивно во текот на грејната сезона за одржување на производството во државните електрани и за топлинска енергија за Градот. Таа обврска е на Градот, но тие се повлекоа па Владата го задолжи ЕСМ да го преземе затоплувањето, а државата да го финансира работењето. АД ЕСМ работи за да може да ги снабди домаќинствата, но и малите потрошувачи, односно 72.000 компании кои вработуваат 98 отсто од работниците и да ги покрие и техничките загуби на дистрибутивната мрежа на ЕВН, МЕПСО. Дополнително, да обезбеди струја за училиштата, за производствените капацитети кои произведуваат основни прехранбени производи, како и за болниците и виталните државни институции. Во овој момент, 90 проценти и повеќе се покрива со сопствена енергија, а мал дел се купува.

Изминатиот период, успеавме да ги ставиме во функција сите производствени капацитети на ЕСМ, кои се инсталирани во време на Југославија. Деновиве производството достигнува речиси до 19.000 мегаватчасови на ден, а вкупниот конзум што се бара за регулираниот пазар и за дополнителни снабдувања изнесува околу 20.000 мегаватчасови, што значи дека се купуваат околу илјада мегаватчасови" , рече Ковачевски.