Левин: Голем напредок во социјалниот дијалог и минималната плата

Постигнат е голем напредок во воспоставувањето на социјалниот дијалог во земјата, како и во утврдувањето на минималната плата. Она на што треба да се посвети поголемо внимание во иднина е справувањето со проблемот на невработеноста, особено кај младите и на мирното решавање работни спорови, изјави директорот на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за Централна и Источна Европа,  Марк Левин по денешната средба со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски. 

- Има многу голем напредок во спроведувањето на социјалниот дијалог, преку основањето и започнувањето на функционирањето на Економско социјалниот совет и важен напредок во поглед на утврдувањето на минималната плата. Исто така важно е што се ратификувани и неколку клучни конвенции на МОТ, рече тој.

Фокусот во иднина, додаде, треба да се насочи кон преземање мерки за намалувањето  на невработеноста со посебен акцент на зголемување на вработувањето на младите како и на унапредувањето на мирното решавање на споровите.

Невработеноста, рече Левин, е проблем со кој се соочуваат сите земји во Европа и светот.

- Во Македонија влијанието се почувствува малку подоцна. Свесни сме дека сите имаме проблем со невработеноста, а едно од клучните прашања е како да се надмине оваа состојба. Тоа може да се направи пред се со привлекување директни инвестиции, но и со подготвување на младите за транзиција од училиште кон вработување, истакна Левин.

Министерот Ристовски посочи дека Министерството со кое раководи ќе се фокусира на формирањето и целосно функционирање на совет за мирно решавање на спорови заради намалување на процесите пред надлежните судови и поефикасна заштита.

Најави дека во соработка со МОТ и Државниот завод за статистика ќе се прави истражување врз чија основа ќе се изработува посебен национален акциски план за вработување млади лица, кој е дел од обврските преземени во рамки на политичкиот дијалог на високо ниво што го води Македонија со ЕУ. 

- Ќе се анализира кавкво образование имаат младите, какви квалификации имаат, со кои технички вештини располагаат и со кои би можеле да бидат поконкурентни, како и создавање баланс меѓу понудата и побарувачката на пазарот, рече Ристовски.

Повод за неговата денешна средба со Левин беше имплементацијата на Националната програма за пристојна работа, која што во 2010 година ја договорија Министерството за труд и социјална политика, синдикатите, работодавачите и Меѓународната организација на трудот.

На средбата присуствуваа претседателот на ССМ Живко Митревски, претседателот на КСС Раско Мишковски, претседателот на УНАСМ Слободан Антовски, претседателот на Организацијата на работодавачи Димитар Стојановски и претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија Миле Бошков.