Попоски: Целта на Македонија е што е можно поскоро да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО

Целта на Македонија е што е можно поскоро да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, а пристапниот дијалог на високо ниво не е замена за пристапните преговори, туку инклузивна рамка која треба да внесе нова динамика во процесот на евроинтеграцијата на земјата.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски во своето обраќање на 7. Годишна меѓународна конференција за европските интеграции насловена „Европа 2020: Кон иновативна и инклузивна унија“, организирана од Универзитеот „Американ колеџ“ од Скопје во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Македонија.

Што се однесува до стратегијата „Европа 2020: Кон иновативна и инклузивна унија“, Попоски истакна дека Македонија го поздравува нејзиното усвојување поради нејзиното особено значење за ЕУ во услови на финансиската криза и состојбите во еврозоната.

Според него, со политиките што таа ги предвидува за компетитивност, економски раст, социјална кохезија и економски реформи, стратегијата ќе овозможи на Европа да се опорави од сегашната криза и да излезе посилна. Овој документ, додаде, го вклучува и аспектот на проширувањето на Унијата.

- Вредно е да се напомене дека ЕУ и земјите-кандидати за членство веќе дискутираа како да го зацврстат процесот на проширување со стратегијата 2020 со цел да се олесни тој процес. Како земја-кандидат за членство Македонија ги води своите политики согласно оваа стратегија на ЕУ, рече Попоски.

На форумот пред учесниците се обрати и амбасадорот на Франција во Македонија Жан Клод Шлумберже кој се  воздржа да зборува за француските политики во однос на ЕУ бидејќи, како што рече, пред два дена завршија претседателските избори на кои беше избран новиот претседател на Републиката Франсоа Оланд и штотуку формираната нова Влада. Сепак, посочи, европските политики беа екстремно присутни во изборната кампања на Оланд.

- Иднината на Европа е од општ интерес и не може да се избегне прашањето што да се направи за да се одржи оваа структура која постои 60 години. Со стратегијата 2020 се предвидуваат мерки во областа на вработувањето, енергетиката, иновациите и истражувањата со кои ЕУ треба да ја зацврсти својата компетитивност, рече Шлумберже.

Конференцијата, како што истакнаа организаторите, треба да се осврне и на подготвеноста на академската заедница во Македонија  да се осврне на важните прашања кои се релевантни за евроинтеграцијата кои, за жал, велат, се оптоварени и со политички прашања.