Фрескоживописот од базиликата во Стоби изложен во Народната банка на РМ

Во Народната банка на Република Македонија денеска беше отворена изложба на која првпат пред јавноста се претставени 20 уникатни фрагменти од 4 век од нашата ера, кои биле дел од  внатрешните ѕидови од епископската базилика во Стоби. Тоа е најстар зачуван фрескоживопис во Македонија и меѓу најстарите во светот.

За зачувување на фреските во најстарото христијанско светилиште во Македонија, во базиликата во античкиот римски град Стоби, Амбасадата на САД обезбеди 72.600 долари преку Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство од посебната програма на Стејт департментот. Со помошта на САД фреските беа конзервирани и делумно реставрирани.

Отворајќи ја изложбата со наслов „Ранохристијанското ѕидно сликарство од Епископската базилика во Стоби“, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска  истакна дека во изминатите неколку години интензивно и систематски се истражувал археолошкиот локалитет и дека се откриени остатоци од храмови и илјадници движни предмети.

- Посебно богатство на локалитетот Стоби се фреските од фрескоживописот кој ги красел ѕидовите на базиликата и крстилницата, како и фрагментите од подниот мозаик и прекрасниот мермерен кантарос во кој во текот на 6 век било вршено крштавање. Уште од времето на нивното откривање од американскиот професор, археологот Џејмс Вајсман во 1970-тите години, па се до денес, со своето непроценливо значење овие фрески и нивните делови кои чудесно опстанале под пластовите на земјата одолевајќи му на времето цели 17 векови, се предмет на научен интерес на многу македонски и странски истражувачи, истакна Канческа-Милевска. 

Американскиот амбасадор Пол Волерс рече дека Стоби е пример за богатата историја и култура на Македонија, за чие зачувување Амбасадата на САД во Скопје обезбеди два гранта преку Американскиот фонд за заштита на културното наследство. Покрај овој за базиликата, во 2003-та  беше финансирано и ископувањето на Римскиот форум во Стоби.

- САД се гордеат со партнерството што го имаме со Македонија за зачувување и заштита на културното богатство, какво што е ова, бидејќи имаме заедничка цел, а тоа е да им овозможиме на идните генерации од целиот свет да ја ценат нивната убавина и историја, рече Волерс.

Гувернерот Димитар Богов истакна дека преку работата на својот музеј Народната банка на РМ, по примерот на централните банки во светот, постепено се етаблира и како значаен трезор на нумизматичката културна оставнина на цивилизациите што егзистирале на оваа почва. За изложениот фрескоживопис од Стоби, пак, рече дека историјата на уметноста ги смета за ексклузивитет од огромно значење и оти овој вид уметничко творештво го нема во поширокиот ареал на европското копно.

- Народната банка е почестена од укажаната доверба да биде домаќин на оваа изложба која, се надевам, во текот на следниот месец ќе претставува интригантен културен настан за пошироката јавност, рече Богов.

Изложбата е отворена на Светскиот ден на музеите - 18 Мај, а галеријата во НБРМ е избрана за нејзин простор поради 20 години од монетарното осамостојување на државата. Токму фрагмент од локалитетот Стоби - паунот на подниот мозаик - е претставен на банкнотата од 10 денари, дизајнирана од уметницата Билјана Унковска. НБРМ е поврзана со Стоби и по тоа што на локалитетот е откриена и најстарата ковачница на пари во регионот.