2023 година е година на голем влог во инфраструктурата, животната срединa, во образованието и културата за идните генерации

Успешна 2022 година во реализација на капиталните инвестиции. Ги надминавме предизвиците предизвикани од светската економска и енергетска криза и успешно ги реализиравме програмските активности на Владата во делот на инфраструктурата, животната средина, културата и образованието. Оваа 2023 година е година на нови предизвици и ќе ги мобилизираме сите неопходни ресурси да го подобриме квалитетот на живеење за граѓаните и да обезбедиме културен и економски напредок на земјава. Ова беше нотирано на панел дискусијата по повод годишната конференција на Владата насловена како ”Година на нови можности”.

На панелот посветен на капиталните проекти како и развој на културата и образованието во услови на криза, свое обраќање имаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за образование Јетон Шаќири, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на ЈП за Државни патишта Ејуп Рустеми и деканот на Градежниот факултет,  професор д-р Горан Марковски.  

Министерот Бочварски во своето обраќање потенцираше дека минатата година капиталните инвестиции имаа рекордна реализација и по број и во квалитет.

„Преку една милијарда евра инвестираме за инфраструктурата. Го започнавме најголемиот проект за изградба на железничкиот коридор 8 кон Бугарија вреден преку половина милијарда евра. Во само една година завршивме со изградба на два експресни патишта од Штип до Кочани и од Штип до Радовиш, инвестиција од преку 100 милиони евра. Дополнително реконструиравме преку триесетина регионални патни правци. Даваме максимална поддршка на општините преку реконструкција на локалните патишта, околу 130 улици и патишта опфативме со рехабилитација само минатата година. Помагаме и во делот на изградба на водоводи и канализации. Ја продолживме мерката за воведување на нови авиолинии. Оваа година очекувам силна градежна експанзија насекаде низ државата, посебно за изградба на преку 140 километри автопат на Коридор 8 и 10. Северна Македонија е веќе на главните европски рути“, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми истакна дека оваа година јавното претпријатие има најголем буџет предвиден за изградба и рехабилитација на државните патишта.
„ За инвестиции се планирани 486 милиони евра, со што се надеваме дека проектираниот буџет ќе биде доволен за остварување на целите од Годишната програма за 2023 година. Во планираните приливи и приходи на ЈПДП предвидени и 244 милиони евра од Буџетот на РСМ за 2023 година за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, за автопатските делници Тетово – Гостивар-Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан, како и на Коридорот 10д за делницата на автопатот Прилеп – Битола. Овој многу важен проект за државата и регионот, наскоро ќе стане реалност, реалност со која ќе овозможиме полесен пристап на стоки, услуги и капитал. Исто така годинава продолжуваме со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, како и автопатот Скопје – Блаце, каде првата фаза е во изградба, а се очекува да заврши ова година. До крајот на ова година се очекуваме да ги завршиме градежните работи на регионалниот пат Извор-Гарски мост,  експресните патишта Градско-Дреново, Фариш-Дреново и Крива Паланка-Ранковце, реконструкцијата и доградба на трета лента на државниот пат Крива Паланка–Деве Баир, регионалните патишта Битола-Меџитлија, Струга-Ќафасан, Скопје – Блаце, Катланово-Велес и Велес – Градско, како и други патни правци. Сите овие проекти, значат обезбедување на квалитетен живот на граѓаните, економска поврзаност и со самото тоа, економско зајакнување на регионите во државава“, истакна директорот Рустеми.

Силна инфраструктурна активност најави и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

„Претстојната 2023 година, ја сметам за година на можности за животната средина, бидејќи навистина многу работевме во претходниот период и ги обезбедиме сите потребни услови за реализација на многу сериозни капитални инфраструктурни проекти со кои ќе овозможиме секое населено место да има чиста вода за пиење и ќе има соодветен систем за управување со отпад. Вложуваме во основна инфраструктура во општините и во подобра иднина за граѓаните“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во своето обраќање. Притоа, Нуредини нагласи дека за постигнување на висок степен на реализација на посочените проекти е потребен и соодветен капацитет на општините, бидејќи во крајна линија тие се имплементатори на проектите. „Министерството за животна средина и просторно планирање било и ќе биде отворено за соработка, финансиска и логистичка поддршка на локалните самоуправи како и најмалите општини би имале пристап до обезбедените средства и би биле подготвени максимално да ги искористат понудените можности”, порача министерот Насер Нуредини пред присутните.

Според министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во 2022 година МОН ги реализираше речиси сите поставени цели во работната програма. Тој најави уште позасилено темпо на работа годинава, затоа што, како што рече, се интензивира и целиот процес на интеграција на земјата во ЕУ.

„Минатата година бевме фокусирани на повеќе аспекти на образованието – инфраструктура, нови наставни програми и учебници, поддршка за професионален развој и подигнување на мотивацијата на наставниот кадар, инклузија, ученички и студентски стандард и влог во науката и истражувањата. Истите приоритети остануваат и во оваа нова календарска година, со тоа што, имаме буџет од 450 милиони евра, за 8,4% поголем од ланскиот“, се обрати министерот Шаќири, додавајќи дека тоа потврдува дека образованието ќе биде приоритетна област за инвестирање, дури и во услови на изразена економска и енергетска криза.

Во екот на светската здравствена криза, културата и уметноста беа засолниште. Ја ублажија социјалната дистанца. Бевме сами, но не бевме осамени, потенцираше министерката Костадиновска - Стојчевска.

“Културата сама по себе е капитална инвестиција. Во комбинација со нашата свест за нејзината улога и важност, таа носи и огромна добивка која не се мери само како економски бенефит. За нас капитална инвестиција во културата е да градиме со љубов простор во кој ќе живее нашето вчера, нашето денес, нашето утре, за навек. Да ги заштитиме од времето и од невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги сочуваме децениските трезори на нашата култура, да ги чуваме спомениците од НОБ како паметник и како потсетник. А ги имаме и како наследство и како потпора. Верувам дека добитна комбинација е кога капиталните инвестиции и инвестирањето во сопствениот уметнички потенцијал одат со ист чекор. Зошто, инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора”, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска -Стојчевска.

Деканот на Градежниот факултет, професор д-р Горан Марковски, истакна дека потребна е силна координација меѓу образовните и државните институции за навремена и квалитетна реализација на капиталните проекти.

„Градежништвото учествува во голем дел во креирање на Бруто домашниот производ и од тој аспект потребно е зголемување на вредноста на човековиот капитал за да имаме успешни капитални проекти“, потенцираше професор д-р Горан Марковски.