Министерот Кралев се сретна со својата полска колешка Барбара Кудручка

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска имаше работна средба со министерот за наука и високо образование на Република Полска, Барбара Кудручка.

На средбата, како што информира Министерството за образование и наука, двајцата министри изразиле заемно задоволство oд досегашната соработка и пријателство меѓу Македонија и Полска.

Истакнувајќи ги најзначајните реформи во образованието, министерот Кралев ја информирал својата колешка за македонскиот образовен систем, ставајќи акцент на високото образование и на развојот на науката во државата. Кудручка го пренела полското искуство од високото образование и науката.

Една од главните теми на работната средба била Спогодбата за соработка во областа на науката и високото образование, што треба да се потпише меѓу Македонија и Полска. Министрите истакнале дека со потпишувањето на оваа Спогодба ќе се обезбеди бараната правна рамка за мотивирање и дополнително зголемување на соработката меѓу двете држави.

Кралев и Кудручка констатирале дека различните програми од областа на образованието кои се во состав на ЕУ се  значаен простор каде е потребно да се интензивира соработката меѓу двете земји. Тие се согласиле дека мобилноста на студенти и професори, како во рамки на европските програми, така и при билатерална размена меѓу двете држави, се клучни за развојот на секој образовен систем.