Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со претставничката на УНИЦЕФ во државата, Патриција Ди Џовани и советникот за инклузија на Ромите во Владата на Република Северна Македонија, Елвис Мемети присуствуваа на потпишувањето на договори за инклузија на деца Роми во јавните општински установи во РСМ.
Тренчевска со своето воведно обраќање се заблагодари на проактивноста на општините и го истакна значењето на предучилишното образование на децата.
„Во текот на овие 16 години од имплементацијата на проектот беа вклучени бесплатно околу 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини, беа ангажирани 20 негувателки Ромки кои работеа со овие деца и го олеснуваа процесот на интеграцијата на ромските деца во детските градинки и повеќето од нив се веќе во редовен работен однос, а некои се ангажирани со договор на проект. Покрај негувателки се ангажираа и 17 медијатори кои работеа со договори на проект во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим“ информираше Тренчевска.
Таа истакна дека децата Роми за време на нивното предучилишно воспитание не беа вклучени во сегрегирани групи туку напротив во интегрирани заедно со децата од другите заедници кои живеат во Република Северна Македонија
На настанот се обрати и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.
„Овој настан е особено важен за УНИЦЕФ затоа што даваме поддршка за оваа програма. Со тоа овозможуваме инклузивни средини кои одговараат на сите деца“ посочи Ди Џовани.
Таа напомена дека и покрај големиот успех на Министерството зa труд и социјална политика треба да се продолжи со заложбите за вклучување на сите деца во предучилишно образование и воспитание и да продолжи со интеграцијата на децата во градинките.
На настанот беа потпишани 8 договори со општините Центар, Гази Баба, Берово, Пехчево, Виница, Делчево, Кочани и Шуто Оризари.