Грковска: Во соработка со Советот на Европа ги дефинираме моделите кои ќе овозможат позитивни промени во имплементацијата на принципите за добро владеење

Заменичката на претседателот на Владата за политики за добро владеење, Славица Грковска, заедно со претставници и експерти од Советот на Европа, организираше дводневна работилницата на која ќе се дефинираат механизмите за креирање систем со цел посуштински и целосно да се имплементираат принципите за добро владеење, кои се значаен предуслов за градење ефикасен систем за услуги кон граѓаните.

Со цел да се обезбеди поширок консензус во имплементација на приоритетите учество на работилницата имаат и претставници на Собранието, како и претставници на Министерството за локална самоуправа, Министерството за информатичко општество и
администрација, Заедницата на единиците на локална самоуправа, Државниот завод за ревизија, како и претставници од академската заедница. 

Целиот процес се одвива транспарентно заедно со граѓанскиот сектор, кој се наметна како главен партнер во креирањето политики за добро владеење.

Вицепремиерката Грковска ги потенцираше клучните принципи за добро владеење, како што се транспарентоста, отчетноста, ефикасноста, владеењето на правото, инклузивноста и отвореноста на институциите кон граѓаните. 

Овие принципи се од исклучително значење за да се изгради систем кој ќе биде сервис на граѓаните, а при тоа ќе овозможи напредок и просперитет на општеството, со елиминација на корупцијата.

Преку овие принципи ќе се зголеми контролата врз трошењето на јавните средства, ќе се влијае врз начинот на кој се креираат политиките за добро владеење, но и врз одлуките кои се носат од страна на институциите. 

Сето ова ќе стане реалност ако се постави систем преку кој вработените во јавниот сектор ќе станат свесни дека нивна обврска е да овозможат професионална, брза и квалитетна услуга за граѓаните.

Токму затоа, преку скринингот што деновиве се прави со Советот на Европа, ќе се дефинираат конкретни препораки кои ќе го покажат правецот како да се создаде таквиот систем што ќе биде долгорочен и ефикасен сервис за граѓаните.

На работилницата беше истакнато дека е значајна меѓународната финансиска помош, но дека уште позначајно е да се направат радикални промени во институциите, во начинот на нивното функционирање и нивниот однос кон граѓаните.

Крајната цел на градењето систем за добро владеење е да се намали корупцијата за чие искоренување ни се неопходни функционери и административци со интегритет. 

Затоа инвестициите во човечки капитал се од особено значење, но и вложувањата во дигиталната трансформација на општеството.