Битиќи: АДА е материјализирање на дигитализацијата за транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој Владата на Република Северна Македонија официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција.

Во неговото обраќање,  вицепремиерот Битиќи рече дека АДА е материјализирање на промената која на сите ни е потребна, е материјализирање на дигитализацијата која постојано ја зборуваме, за транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор.

„АДА во суштина е материјализирање на сето што го зборуваме и што велиме дека ни е промената која што ни е потребна. Затоа што постојано зборуваме за дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор, и, еве го продуктот кој што треба да не однесе до таму. Во едноставна алатка достапна за сите. АДА за разлика од озборувањата дека јавниот сектор не е ефикасен, ќе биде достапна 24/7. Ќе може да опслужува неограничен број на корисници истовремено, во исто време, без чекање и непотребно префрлување од институција во институција и секаде ќе добиваат исти информации што е клучно за да се отстрани просторот за манипулација со истите информации“, рече Битиќи.

Вицепремиерот се осврна и на идејата за потребата на една ваква алатка во јавниот сектор која датира од пред две години кога почна дискусијата за АДА.

„Прв момент беше извештајот на Стејт Департментот, за борба со корупција. И во сегментот за борба против корупција стоеше еден дел кој што се однесува на делењето на државната помош и поддршка на инвестиции во кој што се викаше дека транспарентноста е клучна за сузбивање на појавата на корупција и дека елиминацијата на истата ќе биде императив и треба да биде императив на Владата. И денеска нормално, одговорот го најдовме во дигиталниот асистент базиран на вештачка интелигенција АДА, а вториот предизвик беше личен, затоа што како претседавач на советот за старт ап еко системот беше како да им помогнеме на нашите домашни компании да вистина покажат тоа што го знаат. И вториот резултат е да, АДА е креирана од домашна старт ап компанија, Кодвел“, изјави Битиќи.

За вицепремиерот ова е потврда дека нашите млади можат и знаат, и дека ова е порака дека сме тука и во нивната татковина имаат шанса да се покажат.

„Денеска со нас тука се Мартин, Фросина, Вурата, Зојче и Нино, а другиот дел од тимот кој што работеше на апликацијата знам дека се во канцеларија и се грижи дека се ќе помине денеска во најдобар ред. Навистина сум горд на тоа што го направивте за вашата држава. АДА е креација на Фросина и Вурата, кои работеа на целиот контент, или содржина и сите сценарија која АДА ги нуди, која патем во моментов може да одговори на повеќе од 260 прашања и секако продолжува да учи и понатаму“, објасни вицепремиерот Битиќи.

Инаку АДА кој е веќе пуштена во употреба, стои на располагање на компаниите на кои ќе им овозможи добивање целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите. Преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош,  и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици, македонски, албански и на англиски на интернет адресата: ada.gov.mk.