Тренчевска: Нова сензорна соба според потребите на граѓаните на Општина Прилеп

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со директорот на Центарот за социјална работа во Општина Прилеп, Дејан Тошески ја отворија сензорната соба која е во склоп на дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост „Ѕуница“- Прилеп.

Дневниот центар  за лица со интелектуална и телесна попреченост овозможува поддршка  на згрижувачките и биолошките семејства во грижата на нивните деца со цел развивање на својот целосен потенцијал во нивната грижа. Од почетокот на 2023 година во дневниот центар се вклучени 12 корисници со тешка и умерена интелектуална попреченост и лица со аутизам.

„Отворањето на сензорна соба во Центарот за лица со интелектуална и телесна попреченост „Ѕуница“ во Прилеп означува чекор поблиску до поквалитетен живот на лицата со попреченост во општината. Сензорни соби се отвораат на целата територија на државата, придобивките кои ги добиваат корисниците од нив се несомнени. Навистина ми е драго што се повеќе лица со попреченост добиваат квалитетни третмани во центрите креирани според нивните потреби“ истакна Тренчевска на отворањето на сензорната соба.

Сензорната соба ќе ја користат лицата кои се корисници во Дневниот центар „Ѕуница“. Предвидено е да бидат вклучени и деца со аутизам од градинки и основни училишта кои немаат сензорна соби во нивните објекти. Престојот на лицата кои не се дел од дневниот центар ќе биде два до три часа во текот на неделата по претходно одреден термин и датум.

„Принципот на недискриминација, почитување на правото на достоинствен живот, градење на самодоверба и активно вклучување во заедницата се основните темели на нашата работа со децата со попреченост. Исто како и принципот на обезбедување семејна поддршка, подигнување на јавната свест и надминување на предрасудите кои постојат во однос на оваа ранлива група на деца“ рече директорот Тошески.

Просторијата е опремена со сензорна туба со меурчиња со диск, интерактивна монтесори табла, татами подлога, диско топка, базен со топчиња, огледало, рипстоли, разни стимулативни светлосни, конструктивни и други играчки.