Средба на Ковачевски со Купман и Матуела: Силна поддршка и очекување од ЕУ за следен чекор на Северна Македонија во евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Герт Јан Купман, новиот генерален директор за соседство и преговори за проширување на Европската комисија и со Микела Матуела, вршителка на должност директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

На состанокот е соопштена јасна порака дека Европската Унија очекува брз развој на регионот. И во таа насока е пренесена пораката дека Европската Унија силно ја поддржува Република Северна Македонија во следниот чекор на евроинтеграциите.

Северна Македонија, како што е оценето, има историска можност за напредок којшто ќе овозможи на граѓаните во државата европски квалитет на живот. Поради тоа, како што е констатирано, потребно е да се носат големи одлуки, во коишто, се очекува да дадат придонес сите политички субјекти во државата.

Нагласено е и дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, значи придонес во регионалниот контекст и кон европскиот мир и стабилност, што се очекува да се има предвид од страна на сите политички чинители во земјава.

Конкретно е разговарано за значењето на донесувањето на уставните измени и потребата од нивна поддршка во Парламентот од страна на пратениците.  

Премиерот Ковачевски се заблагодари на високите европски претставници за поддршката од ЕУ во остварувањето на стратешки приоритети на нашата држава.

„Практикуваме европски систем на вредности: во делот на целосно почитување на човековите права и како пример за успешна, функционална мултиетничка демократија; со 100-процентната транспарентност на Владата и искачувањето за 19 места повисоко во делот на слободата на медиумите; се поставивме ефикасно и цврсто на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина. Владата активно работи на потребните реформи коишто се дел од европската агенда, на решенијата за справување со предизвиците од светската криза, на важни инфраструктурни проекти коишто ја поврзуваат државата со регионот и со Европа. Кај Владата постои цврста политичка определба за нов успех во евроинтеграциите, затоа што тие за граѓаните навистина значат унапредување на животниот стандард и европски квалитет на живот и очекуваме ова да биде со сериозност сфатено од сите политичари, пратеници, политички партии во државата“, рече премиерот Ковачевски, на средбата со европските претставници Купман и Матуела.