Спасовски на промоција на пилот-проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви”: Ги надминуваме пречките со кои се соочуваат нашите сограѓани во комуникација низ институциите

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на промоцијата на пилот-проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви”, во организација на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија. На настанот свое воведно обраќање имаа и министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија (НСГНРСМ), Томица Стојановски, како и Генералниот секретар при НСГНРСМ, Лиза Велкоска.

„Проектот во суштина е надградба на веќе востановениот проект на Националниот сојуз од 2019 година, за формирање на Кол-центар за глуви и наглуви, којшто работи до денес, а преку кој сертифицирани толкувачи на знаковен јазик ги опслужуваат и одговараат на видео повиците, што претставува одговор на потребите и барањата на глувите и наглувите со кои комуницираат на знаковен јазик. Со овој нов проект, кој го промовирате денеска, вашата цел е да добиете што повеќе релевантни податоци за тоа колкава е потребата од страна на глувите и наглувите лица за остварување на видео повици со што би се надминале пречките со кои овие лица се соочуваат при комуникацијата низ институциите”, истакна министерот Спасовски во врска со пилот-проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви”.

Истакнувајќи го утврдениот концепт на МВР „Полицијата во служба на граѓаните“, Спасовски рече дека преку секојдневни активности се покажува дека секој еден граѓанин е важен, како во делот на зголемување на безбедноста, така и во делот на што поголема достапност на услугите што МВР ги нуди кон граѓаните.

„Во оваа прилика дозволете да ја истакнам посветеноста на институцијата со којашто раководам, како и мојата лична заложба и заложбата на мојот тим да работиме на трансформација на институциите за да се намали тој видлив расчекор помеѓу потребите и можностите во системот. Тука сме да ја дадеме нашата поддршка со цел да се постигне ефективен одговор за решавање на сите прашања на најделотворен начин. Стоиме на располагање да ги утврдиме формата и начините на соработка, со цел промовирање и афирмација на областите од заеднички интерес, пропишани со позитивните законски прописи и други подзаконски акти, а со особен акцент на инклузивноста, еднаквоста и недискриминацијата, како основни вредности кои имаат крајна цел - олеснување на животот на глувите и наглувите лица”, рече министерот Спасовски, со уверување дека заедничката цел е поддршка и развој на отворенo, правичнo, демократскo и инклузивнo општествo, базиранo на еднаквост.

Потенцирајќи ја традиционалната поврзаност на Министерството за труд и социјална политика со Националниот сојуз за глуви и наглуви, заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, рече дека низ годините подршката сѐ повеќе и повеќе се зацврснува, а тоа е видливо и преку денешниот настан.

„Комуникацијата е основна алатка за остварување на правата, а во дигиталното време во кое живееме, ваков тип на модернизирана алатка ќе биде од голем бенефит, не само за корисниците, за лицата од заедницата на глуви и наглуви, туку ќе биде и голема предност за унаредување на сертифицирањето на толкувачите на знаковен јазик. Овој дигитален толкувач, не само што ќе го олесни и забрза начинот на пренос на информациите, туку исто така, обезбедува сигурен и точен пренос на информации кои им  се потребни на глувите и наглувите лица во секојдневното живеење”, подвлече министерот Хусејин, напоменувајќи го и активното учеството и придонес на Националниот сојуз на глуви и наглуви кон развој на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост  2023-2030, која ги дава патоказите кон градење на инкклузивно и еднавко општество.

Од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити, беше истакнато особеното значење на придонесот на Националниот сојуз за глуви и наглуви за функционирање на „Повикувачкиот центар за глуви и наглуви“, кој продолжува да обезбедува поддршка преку овластени преведувачи на знаковен јазик.

„Преку таблетите во поголем број институции, меѓу кои здравствени, ќе се овозможи поконкретно да се увидат потребите на глувите и наглуви лица, кои ќе комуницираат преку видео повик со сертифициран преведувач на знаковен јазик. Заедно, можеме многу повеќе да придонесеме за поефикасната комуникација, поттикнувајќи поинклузивно и подостапно општество”, потенцираше министерот Меџити во своето обраќање на промоцијата на пилот проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви лица“.

Претседателот на Националниот Сојуз на глуви и наглуви лица на Република Северна Македонија, Томица Стојановски, во воведното обраќање рече:

„Да може да нѐ разберат другите и ние да можеме да ги разбереме нив при разговор, секако преку толкувачи на знаковен јазик, бидејќи без толкувач на знаковен јазик ние глувите не можеме да комуницираме и да се разбереме. Колкава е навистина тежината со нашата попреченост, а тоа е ГЛУВОСТА, сега сакам сите заедно да го видиме тоа, преку ова кратко видео...”, истакна претседателот Стојановски и го најави видео материјалот кој беше презентиран на настанот со цел доближување на овој вид на попреченост до пошироката јавност.

Генералниот секретар на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, Лиза Велкоска, истакна дека визијата на проектот е да ја даде испораката на најквалитетната видео услуга за далечинско толкување, што ќе им даде моќ на глувите лица да уживаат во независен живот, поврзани со другите во ова општество. Притоа пилот проектот има две главни целни групи, и тоа глуви лица и јавни служби, при што Дигиталниот толкувачки сервис може да обезбеди интегриран пристап до сите јавни услуги.

„Кога глувото лице има преживеано грабеж, семејно насилство и сл., тоа не може да го пријави самостојно во полиција или кај социјалниот работник. Тоа лице при таков инцидент е немоќно. Кога глувото дете не може да го слушне или разбере учителот, тоа останува беспомошно. Глувите лица во себе имаат многу гнев, кој не е решен. Ова е загрижувачко прашање, бидејќи фрустрираните глуви поединци ги исфрлаат своите фрустрации кон најблиските и колегите. Потребно ни е соодветно образование за глувите, прилагодување на образовниот процес каде што ќе се вклучат сите релевантни чинители, за да можеме точно да разбереме што треба да се промени и да најдеме начин како да продолжиме напред заедно со нив”, порача генералниот секретар Велкоска.