Ковачевски во Делчево: Создаваме услови за европски квалитет на живот низ целата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на отворањето на современиот градски пазар во Општина Делчево, во рамките на којшто ќе работат 18 дуќани и 192 продажни пунктови според современи стандарди, а од значење за граѓаните, урбаниот изглед на градот и локалниот економски развој.

„Владата силно и посветено работи на рамномерен регионален развој во државата. Затоа што развиени општини значат силна и развиена економија. Инвестицијата е околу 732 илјади евра, од кои 50 проценти се средства од Буџетот на Република Северна Македонија, реализирани преку Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно плански регион. Останатите 50 проценти се од буџетот на општината, којашто покажува што значи да се работи домаќински и за потребите на луѓето. Проектот е реализиран по теркот на големите градови. И продажбата ќе се одвива во современи услови, како што доликува на еден град, а и на држава, којашто цели кон европски стандарди на живот“, посочи премиерот Ковачевски.

Преку Центарот за развој на Источниот плански регион, како што соопшти премиерот Ковачевски, во периодот од 2019 до денес, се реализирани 45 проекти финансирани од државниот буџет, линиските министерства, ИПА фондовите и поддршка од амбасади и останати организации, во вкупна вредност од 6,5 милиони евра.

„Еве ова е придобивката за граѓаните да имаат европски ориентирана Влада. Ние сме посветени да обезбедиме европски квалитет на живот дома и задржување на младите во нашата родна земја. И нема да дозволиме антиевропските субјекти да ги закочат европските перспективи на граѓаните, за свои цели, а луѓето да чекаат во 21 век да добијат елементарна услуга – градски пазар. Нам ни е важно да го поддржуваме развојот на општините, затоа што секој граѓанин во секоја општина заслужува пристојни и подобри услови за живот, од инфраструктурен, социјален, образовен, здравствен, од секој аспект“, рече премиерот Ковачевски.

„Честитки до градоначалникот за реализацијата на овој проект, за поддршката од надлежните институции. Продолжуваме со силно темпо да градиме Европска Северна Македонија. И тоа, на изненадување на сите, до 2030 година, ќе биде реалност!“, порача премиерот Ковачевски.

Министерот Николовски рече дека Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство континуирано вложува во поддршка на рамномерниот регионален развој, преку конкретни мерки за поддршка на општините, во зајакнување на инфраструктурата, како и во развојот на руралните средини.

„Креираме мерки што даваат резултати. Денеска за прв пат во историјата на градот, граѓаните на Општина Делчево добиваат модерен и современ градски пазар, токму како резултат на поддршката од Министерството преку мерката 123 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Изградбата на овој капитален проект беше децениска желба и реална потреба на граѓаните во Општина Делчево. Овој пазар ќе го направи Делчево, како погранично место, економски центар, не само за градот, туку и регионот“, оцени министерот Николовски.

Градоначалникот Трајковски констатираше дека резултатите се можни кога се работи посветено, одговорно и домаќински, за што е доказ и реализацијата на овој важен проект за Делчево.

„Делчево е релативно мала општина, но се стреми, како во големите градови, да создава услови што ќе донесат развој на локалниот бизнис. Современиот градски пазар гради нов имиџ на градот, воведува нови стандарди и ќе овозможи Делчево да го има приматот во пограничниот регион, во меѓуграничната размена на стоки и услуги. Во моментов на локацијата на новиот градски пазар се градат 3.500 м2 паркинг и улица со цел кружно сообраќајно поврзување. Вредноста на работите е околу 5 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево, а претходно изградивме и две улици кои водат кон пазарот, а го поврзуваат и новоизградениот пешачки мост на река Брегалница и создаваат една современа комуникација - потреба на сите граѓани и од стариот и од новиот дел на градот“, соопшти градоначалникот Трајковски.