Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Договорот за изведба на Клиничка болница - Штип, пришто е разгледано и усвоено решение за динамично завршување на изградбата на новиот објект на болницата, согласно законските процедури.
Целта е, граѓаните на Штип и вработените да добијат во најскоро време клиничка болница по современи стандарди, посебно што во Клиничката болница работи, како што е соопштено од Министерството за здравство, високо стручен медицински кадар и во болницата се лекуваат граѓани и од поширокиот источен регион.
За таа цел се активираат процедури, што ќе овозможат завршувањето на изградбата на новиот објект на Клиничка болница - Штип, да се одвива со засилена и прецизно утвдена динамика.
Задолжени се Министерството за здравство, проектната единица и надзорот да подготват „Проект на изведена состојба“, односно пресек на досега изведените работи, во рок од 42 дена. Задолжена е Проектната единица, по направениот пресек на состојбата, во соработка со Бирото за јавни набавки, да подготви нова, тендерска документација и биде објавена јавна набавка во рок од 30 дена.
Владата на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за заеднички гранични премини: „Блаце - Елез Хан“ и „Јажинце - Глобочица“, и го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот помеѓу двете влади, за воспоставување на овие два заеднички гранични премини.
Определен е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Договорот.
Целта на склучувањето на овој Договор е воспоставување заеднички гранични премини: „Јажице - Глобочица“ - за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила, влез и излез на товарни моторни возила и „Блаце - Елез Хан“ - за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и стоки.