Ковачевски: Инвестираме во модерна патна инфраструктура и квалитетен живот за граѓаните, пробиена десната цевка на тунелот Фариш

Претседателот на Владата на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, утрово присуствуваше на изведба на пробивање на десна цевка на тунелот Фариш, кој се наоѓа на делницата Фариш-Дреново на новиот експресен пат Градско-Прилеп.
 
„Денеска заокружуваме уште еден успешен градежен зафат како дел од нашиот голем инвестициски циклус на градење на модерни патни делници и автопатишта низ целата наша држава. Ја заокружуваме изведбата на тунелот Фариш, со пробивање на десната цевка од овој тунел во Фаришката клисура, кој се наоѓа на втората делница Фариш-Дреново на новиот експресен пат Прилеп-Градско. Веќе е завршено пробивањето на левата цевка од тунелот, еден од најтешките делови на оваа траса, којашто е од клучно значење за граѓаните од Пелагонискиот регион, но и за целата држава“, истакна премиерот Ковачевски, кој присуствуваше на пробивањето на десната цевка на тунелот Фариш.
 

Премиерот констатираше дека градежните зафати на овој патен правец се одвиваат со предвидената динамика и дека очекува изведувачот да го запази предвидениот рок за изведба на делницата Фариш – Дреново во должина од 10,2 километри како дел од експресниот пат Градско – Прилеп.

„Градежните зафати на делницата е предвидено да се завршат до јануари 2024 година, за што се предвидени 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР, а само за тунелот се инвестираат 5,7 милиони евра. Ова е еден од најзначајните патни правци во државата, каде дневно поминуваат околу 6.000 возила од сите категории, меѓу кои значаен дел се и товарни возила. Токму затоа се концентрираме на подобрување на патниот правец Градско - Прилеп со што ќе се олесни протокот на патници и возила“, рече премиерот Ковачевски.
 
Градежните зафати на овој потег, според премиерот, значат изградба на современа патна инфраструктура и модернизација на Коридорот 10-д, што ќе овозможи поврзување со Република Грција преку граничниот премин Меџитлија.

„Вложуваме во инфраструктурата и инсистираме на ефикасност во изведбата бидејќи сакаме да обезбедиме квалитетен живот за нашите граѓани и со тоа што побрзо да го трасираме нашиот пат кон ЕУ. Градиме и реконструираме делници во региони кои биле заборавени и запуштени со децении, создаваме услови за нови работни места, нови инвестиции и нови можности за соработка. Градиме експресни, магистрални и регионални патишта со кои ги поврзуваме селата и градовите во регионите, регионите со други градови, а државата со светот. Република Северна Македонија станува светска сообраќајна и трговска крстосница. Ова се приоритетите за кои се залагаме и ова се приоритетите од кои нема да отстапиме. Нашите граѓани заслужуваат европски живот овде, во Република Северна Македонија“, нагласи премиерот Ковачевски.
 

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека досега се постигнати над 64 % реализација.
 
„Денеска сме присутни на пробивањето на десната тунелска лента на втората делница од Дреново до Фариш, овде имаме преку 64 % реализација и очекуваме дека со добра динамика како и до сега ќе ја завршиме изградбата на овој пат.
 
Експресниот пат од Градско до Прилеп е приоритет не само за Владата, тој има големо економско значење за сите граѓани, а посебно за жителите од Градско, Росоман, Прилеп, Битола, Ресен.

Граѓаните треба да знаат колкава е комплексноста на овој проект, се градат 2 тунели, 21 мост, 11 потпорни ѕидови, 15 пропусти, 1 вијадукт. Ме охрабрува фактот што и на првата делница од Градско до Дреново се работи со максимално темпо“, рече министерот Бочварски.
 
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми посочи дека е задоволен од динамиката на работите.
 
„Ќе бидеме уште позадоволни со фактот дека со новата патна мрежа ќе можеме да сметаме и на дополнителен развој и компетитивност на овој дел од Пелагонискиот регион. Секако, новото патно решение носи и поголема безбедност, особено во овој дел којшто важеше за црна точка. И во Владата и во ЈПДП сме и повеќе од свесни дека вложувањата во патната мрежа, осовременување на патиштата, изградбата на нови, завршувањето на европската коридорска мрежа што поминува низ нашата земја - Коридор 8 и Коридор 10-д, е од круцијално значење за развој на земјата. Посветено работиме и ќе работиме да создадеме подобри услови за просперитет и благосостојба на сите региони во државата подеднакво“, додаде директорот Рустеми, кој нагласи дека градежната офанзива во патната инфраструктура низ државата продолжува и дека 2023 година ќе остане запаметена како година на историски најголеми инвестиции во сообраќајната инфраструктура во земјава од осамостојувањето па наваму. 


Обраќање на премиерот Ковачевски на увид на пробивањето на десната цевка од тунелот во Фаришката клисура, на втората делница Фариш- Дреново

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, при присуството на теренот каде се изведуваат градежни активности за пробивање на десната цевка од тунелот во Фаришката клисура, кој се наоѓа на втората делница Фариш- Дреново на новиот експресен пат Прилеп-Градско имаше обраќање.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Денеска заокружуваме уште еден успешен градежен зафат како дел од нашиот голем инвестициски циклус на градење на модерни патни делници и автопатишта низ целата наша држава.

Ја заокружуваме изведбата на тунелот Фариш, со пробивање на десната цевка од овој тунел во Фаришката клисура, кој се наоѓа на втората делница Фариш-Дреново на новиот експресен пат Прилеп-Градско.

Веќе е завршено пробивањето на левата цевка од тунелот, еден од најтешките делови на оваа траса, којашто е од клучно значење за граѓаните од Пелагонискиот регион, но и за целата држава.

Со големо задоволство можам да констатирам дека градежните зафати на овој патен правец се одвиваат со предвидената динамика. Очекувам дека изведувачот ќе успее да го запази предвидениот рок за изведба на оваа делница во должина од 10.2 км како дел од експресниот пат Градско – Прилеп.

Градежните зафати на делницата е предвидено да се завршат до јануари 2024 година, за што се предвидени 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР, а само за тунелот се инвестираат 5,7 милиони евра.

Во моментов се работи на вијадуктот и на останатите објекти на патот. На овој појас предвидено е освен тунелот со двете цевки, да се изведе и еден вијадукт, 21 мост, 5 потпатници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново, како и останати инженерски работи.

Ова е еден од најзначајните патни правци во државата, каде дневно поминуваат околу 6000 возила од сите категории, меѓу кои значаен дел се и товарни возила. Токму затоа се концентрираме на подобрување на патниот правец Градско-Прилеп со што ќе се олесни протокот на патници и возила.

Градежните зафати на овој потег значат изградба на современа патна инфраструктура и модернизација на Коридорот 10-д, што ќе овозможи поврзување со Република Грција преку граничниот премин Меџитлија.

Вложуваме во инфраструктурата и инсистираме на ефикасност во изведбата бидејќи сакаме да обезбедиме квалитетен живот за нашите граѓани и со тоа што побрзо да го трасираме нашиот пат кон ЕУ.

Градиме и реконструираме делници во региони кои биле заборавени и запуштени со децении, создаваме услови за нови работни места, нови инвестиции и нови можности за соработка.

Градиме експресни, магистрални и регионални патишта со кои ги поврзуваме селата и градовите во регионите, регионите со други градови , а државата со светот.
Република Северна Македонија станува светска сообраќајна и трговска крстосница!  

Ова се приоритетите за кои се залагаме и ова се приоритетите од кои нема да отстапиме. Нашите граѓани заслужуваат европски живот овде, во Република Северна Македонија!

Сакам да посакам успех на изведувачите и што побрзо завршување на овој патен правец помеѓу Градско и Прилеп. 

Ви благодарам“