Владата на Република Северна Македонија, на денешната 178 седница донесе одлука за давање на трајно користење на 160 таблет компјутери на институции и даватели на социјални услуги на национално и локално ниво низ целата држава. Станува збор за донација на таблет компјутери, кои се донираат на над дваесет институции и даватели на социјални услуги, меѓу кои: ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје; Дневни центри за поддршка на лица со интелектуална попреченост, раководени од страна на Републичка Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака од Скопје; Мал групен дом во Кавадарци, раководен од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во Кавадарци; Центар за згрижувачки семејства во Битола, раководен од страна на ЈУ Мајчин дом во Битола; Дневен центар за Даунов синдром во Скопје, раководен од страна на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје; Дневен центар за лица со попреченост, раководени од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во Струмица; Дневен центар за лица со попреченост, раководен од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во Куманово; Дневен центар за деца на улица во Шуто Оризари, раководен од страна на граѓански организација Здружение за заштита на правата на детето – Скопје, Младинско здружение на глуви и наглуви „Млад Знак“ во Скопје и други.
На седницата, Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на заедничка обука и вежба „Joint Combined Exercise Training - 23“.
Заедничката обука и вежба „Joint Combined Exercise Training - 23“ е дел од Планот за билатерална соработка за 2023 година помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерство за национална одбрана на Соединетите Американски Држави. Специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија со 12 (дванаесет) припадници учесници на активноста, во период од 20 август до 01 септември 2023 година активно ќе учествува во подготовките и изведувањето на заедничката обука и вежба „Joint Combined Exercise Training - 23“ на територијата на Република Северна Македонија.
На вежбата е предвидено учество на 10 (десет) припадници од специјалните сили на вооружените сили на САД и 12 (дванаесет) припадници на вооружените сили на Република Албанија, со вооружување, опрема, моторни возила и материјално – технички средства. Локација за учество на вежбата ќе бидат полигоните за обука и стрелиштата за изведување на гаѓања во касарните „Илинден“ - Скопје, „Страшо Пинџур“ – Петровец и „Ѓорче Петров“ - Скопје.
Владата, на денешната седница, ја констатираше оставката на Фатон Ахмети од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија. Владата го именуваше Асаф Абдурамани за в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.