Министерството за информатичко општество и администрација ја презентираше новата Стратегија за РЈА (2023-2030) за современа, ефикасна и дигитална јавна администрација според европските пракси и регулативи

Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со СИГМА го организираа настанот: „Современа, Ефикасна и Дигитализирана Јавна Администрација: Визија 2030. Испорака на поквалитетни јавни услуги за граѓаните и приватниот сектор“.

 
На настанот се презентираше новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023- 2030), процесот на изработка и механизмите за имплементирање и следење, како и клучните цели и приоритети до 2030 година по приоритетни области.
 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, имаше воведно видео обраќање, пришто истакна дека пред граѓаните се презентира готов документ за реформа на јавната администрација до 2030 година, со прецизни насоки за реформските зафати и конечно обезбедување на современа, ефикасна и дигитализирана јавна администрација според европските пракси и регулативи.
 
„Ова е конкретен доказ дека ние активно дејствуваме за Северна Македонија во Европската Унија. Нашата заложба е македонските граѓани да имаат квалитет на живот според европските стандарди - дома; Да ја имаат Европа – дома“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Премиерот посочи дека Стратегијата за реформа на јавната администрација, што веќе стигна во фаза на промоција по широката јавна расправа, има едноставна и јасна цел: испорака на повеќе и поквалитетни јавни услуги за сите граѓани и за приватниот сектор.

„Стратегијата за реформа во јавната администрација е во согласност со Програмата за работа на Владата и е комплементарен документ со сите програми и стратегии за локален развој и децентрализација, за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за отворена власт; за забрзан економски раст, како и со програмата за усвојување на правото на Европската унија и реформата на даночниот систем. Владата и јас како премиер, недвосмислено сме посветени на имплементацијата на сите регулативи, критериуми  и стандарди со цел да осигураме на брза трака, како што и заслужуваме, полноправно членство во Европската Унија“, порача премиерот, Димитар Ковачевски.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, во своето воведно обраќање, рече дека Стратегијата е подготвувана низ транспарентен и консултативен процес со вклучување на сите засегнати страни.
 
„Денешниот настан е под мотото „Модерна, ефикасна и дигитализирана јавна администрација“, со која се утврдува визијата на реформата на јавната администрација 2030 година. Ова е многу значаен настан за Министерството за информатичко општество и администрација, за целата Влада но и за целата држава, од причина што имаме можност освен да се промовира Стратегијата за РЈА, денес да го промовираме и логото за брендирање на процесот на РЈА , а тоа е Визијата за РЈА 2030. Очекувам, согласно Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, оваа година да се започне со процесот за остварување на визијата за деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација, којашто обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и за бизнис заедницата“, посочи министерот Алиу.
 
Според министерот, приоритетните цели, деполитизирана и професионална јавна администрација и следствено на тоа, воспоставување на кохерентен систем на плати и реорганизирани и оптимизирани институции со зајакнат интегритет, ќе придонесат кон постигнување на визијата на Стратегијата.
 
„Ова подразбира финализирање на предлозите на законските решенија, што претставуваат правна основа за да се оди понатаму. Граѓаните мора да имаат доверба во администрацијата и во институциите и да почувствуваат дека истите постојат и работат за нив и за нивните барања. Во делот на дигиталната трансформација, може да се види унапредување, но важно е да се овозможи и унапреди простор администрацијата да работи во средина со дигитални можности и да биде оспособена да ги применува, со што ќе се постигне и зголемен квалитет на услугите кон граѓаните и бизнис заедницата“, рече министерот Алиу, нагласувајќи дека само со стручен пристап може да се создаде и стручна администрација.
 
Воведно обраќање на настанот имаа и евроамбасадорот Дејвид Гир, потоа Грегор Вирант, шеф на програмата СИГМА/ОЕЦД, како и Маја Ханџиска Трендафилова, Директор на Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).