Форум на жени лидери на ЈИЕ: Жените несразмерно повеќе се погодени од корупцијата

„Разоткривање на корупцијата преку родова призма: Истражување на пресекот на родовата (не)еднаквост и социјалниот интегритет“, беше тема на третиот и последен панел на денешната регионална конференција која се одржува во Скопје, во организација на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој беше основан на иницијатива на вицепремиерката Славица Грковска, со поддршка од UN Women.

На панелот, кој го модерираше министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, учествуваа Весна Ивановиќ Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women за Северна Македонија, Лаура Албу, претседателка на Романската платформа на Европското женско лоби и членка на ГРЕВИО, Десислава Готскова, раководителка на секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива РАИ и Наташа Новаковиќ, поранешна претседателка на Комисијата за спречување конфликт на интереси во Хрватска. Со видео обраќање се вклучи и директорката на Националната агенција за транспарентност на Грција, Александра Рогаку.

„Корупцијата различно влијае на жените и на мажите. Неизбежно е да разговараме за родовата призма на корупцијата, затоа што родовите разлики се присутни и кога станува збор за ваков криминален феномен кој остава сериозни траги врз општеството“, истакна министерката Тренчевска.
 
Панелистките се согласија дека корупцијата придонесува за подредена положба на жените во нашите општества, вклучително и за изложеноста на родово засновано насилство, а справувањето со корупцијата може да предизвика пошироки промени во менталитетот, односно во културата на живеење, вклучително и во поглед на унапредување на родовата еднаквост. Жените несразмерно повеќе се погодени од последиците на корупцијата, а вклученоста во коруптивни активности е определена од односите на моќ во општеството и од родовите стереотипи.
 
Во рамки на конференцијата беше промовирана анализата на UN Women - „Перцепции за род и корупција во Северна Македонија“, во авторство на Ана Дангова Хуг. Раководителката на UN Women во земјава, Весна Ивановиќ Кастаред истакна дека корупцијата е главна пречка за одржлив економски развој на едно општество и поради тоа е задоволна што од оваа анализа произлегуваат препораки кои ќе помогнат во надминувањето на воочените состојби и проблеми.