Средба Грковска- Саенз: Продолжува поддршката од UN Women за јакнење на женското лидерство во борбата со корупцијата

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, денеска одржа средба со Елиса Фернандез Саенз, заменик-регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија, на која присуствуваше и раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред.

Вицепремиерката Грковска се заблагодари за севкупната поддршка од UN Women за активностите на Кабинетот за политики за добро владеење, особено во поглед на антикорупциските политики и јакнењето на улогата на жените во борбата со негативните појави во општеството. Таа нагласи дека е важно политиките кои се креираат да бидат долгорочни и одржливи, бидејќи само на тој начин може да се постигнат видливи и ефикасни резултати.

Вицепремиерката Грковска го истакна големиот придонес на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија во  воспоставувањето на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, како регионална иницијатива за вмрежување на жените и младите од регионот, размена на искуства и взаемна поддршка во напорите да се изгради подобро општество за сите, со вградување на принципите на еднаквост, интегритет и одговорност.

Саенз ја поздрави оваа иницијатива на вицепремиерката Грковска, нагласувајќи дека е многу добра идејата да се формира мрежа на жени со слични ставови, односно да се изгради критична маса на женско лидерство кое води напред. Двете соговорнички се договорија да ја продлабочат соработката околу оваа инцијатива и да ја поврзат со слични мрежи во светот, со цел да се зајакне и да се даде поголема видливост и гласност на целиот процес.

Тие се согласија дека е важно да се креираат политики и законска регулатива во насока на унапредување на позицијата на жените во сите сфери на општеството, но дека исто така е важно да се создадат ефикасни механизми кои ќе ја следат имплементацијата на усвоените политики.

Грковска и Саенз го отворија и прашањето за корупцијата во спортот од родов аспект и се согласија околу понатамошна соработка на интерсекторските теми каде се поврзуваат родовата еднаквост, младите и корупцијата, затоа што, како што и беше истакнато на средбата, токму жените и младите се носители на општествените промени и развој.