Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на настан со којшто се одбележани завршувањето на градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и почетокот на активностите за изградба на топловодната мрежа во Битола.
„Овој капитален проект станува реалност после 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола“, посочи премиерот Ковачевски.
Овој проект, како што нагласи премиерот, по своето значење и големина се свртува во рангот на изградбата на РЕК Битола, на Стрежево и други капитални објекти од суштинска важност за Битола.
„Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската KFW банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе бројни придобивки коишто ќе ги почувствуваат сите граѓани. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година“, соопшти премиерот Ковачевски.
Трасата на топловодот поминува и низ Новаци и Могила, две рурални општини, во коишто жителите главно се занимаваат со земјоделство, а топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти и со тоа ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот.
„Работиме по план и стратешки, реализираме проекти коишто со години се држеа во фиоки, поради тоа што не биле добро смислени и поставени, како што беше и со овој проект, којшто претходно беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив“, порача премиерот Ковачевски, кој посочи на постигнатите решенија за постоечки предизвици.
Решени се имотно правни односи по текот на трасата на топловодот, по пат на експропријација. Проектот од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила е еколошки и ако претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола, којашто ќе работи на мазут, сега е тоа решено со потстаница за природен гас. А решена е, како што истакна премиерот - и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот.
„Со последните измени на проектот, направени пред да отпочне неговата реализација, обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК Битола ќе произведува електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.
Владата, како што објасни премиерот, има план за РЕК Битола, со оглед дека енергетската транзиција на РЕК Битола е највисок приоритет за целокупниот развој на пелагонискиот регион. Премиерот соопшти дека се планира и изградба на нова когенеративна електрана на природен гас, којашто во иднина ќе може да работи и на водород.
„За ова веќе соработуваме и со еден од најголемите американски гиганти во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори. Оваа гасна електрана ќе замени еден од постојните термоблокови. Дополнително, во финална фаза се и физибилити студи за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. Овие проекти се изработуваат благодарение на техничката помош што ја добиваме од меѓународните финансиски инситуции ЕБРД и KFW на кои сме им благодарни што ја подржуваат енергетската транзиција во Северна Македонија. Очекувам на почетокот на 2024 година, да се избере и компанијата која ќе ја изгради првата 20 MW фотонапонска централа во РЕК Битола и ќе ја започне енергетската транзиција. До крајот на наредната година централата ќе биде и во функција и оперативна на мрежа“, додаде премиерот Ковачевски и потенцира уште еднаш дека вработените во РЕК Битола не треба да стравуваат за својата иднина, туку напротив РЕК Битола има иднина, РЕК Битола ќе произведува струја за Северна Македонија.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов нагласи дека граѓаните на Битола ќе добијат парно од РЕК Битола, со што ќе се намали потрошувачката на струја и ќе се намалат сметките за затоплување на институциите и домовите и посочи на еколошките придобивки од топлификацијата.
„Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите“, рече Стефанов.
„АД ЕСМ продолжува да се движи кон зеленото сценарио и ќе се стреми во иднина да бидеме енергетски независна земја, којашто произведува електрична и топлинска енергија од обновливи извори на енергија“, порача Стефанов.
Директорот на ДООЕЛ Топлификација Битола, Горан Козаров посочи дека „Битола добива топлификациски систем којшто е проектиран да работи и независно и да обезбедува топлинска енергија од 100 MW“.
Завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК Битола до Битола, како што рече директорот Козаров, продолжува по битолските улици и во следните 18 месеци, низ Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод.
На настанот беше оценето дека реализацијата на битолската топлификација е доказ дека „ако се работи напорно, нема недостижна цел“.
Обраќање на премиерот Ковачевски – 3 ноември 2023 година, Битола
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на настан со којшто се одбележа завршувањето на градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и почетокот на активностите за изградба на топловодната мрежа во Битола.
Обраќањето на премиерот во целост:
„Почитувани директори на ЕСМ, РЕК Битола, Топлификација Битола и секако почитувани изведувачи на работите на овој топловод,
Секогаш ми е драго кога доаѓам во Битола, бидејќи несомнено дека енергетските проекти и најголемите енергетски ресурси се наоѓаат токму во Битола а и она што се гради во моментов е енергетската иднина во државата, повторно се наоѓа во Битола.
Задоволството е уште поголемо што денес, во пресрет на 4 ноември, денот на ослободувањето на градот Битола, заедно ја одбележуваме интензивната динамика на изградбата на Топловодниот систем во Битола. Овој капитален проект станува реалност после цели 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола.
Денес, завршуваат градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и веќе стартуваат активностите за изградба на топловодната мрежа во самиот град.
Овој проект по своето значење и големина се вбројува во рангот на изградбата на РЕК Битола, на Стрежево и други капитални објекти кои суштински го промениле и го менуваат животот во градот.
Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската KFW банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе бројни придобивки кои ќе ги почувствуваат сите граѓаните на Битола.
Согласно планот, најпрвин, ќе бидат приклучени 35 државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, спортската сала, објекти кои загадуваат и кои многу трошат за згревање, а потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година.
Трасата на топловодот поминува и низ Новаци и Могила, две рурални општини кои во значајна мера се потпираат на земјоделството. Топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти, со што ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во овој крај.
Работиме по план и стратешки реализираме проекти кои години се држеа во фиоки, поради тоа што не биле добро смислени и поставени, како што беше и со овој проект кој претходно беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив.
Дополнително ги решивме нерешените имотно правни односи по текот на трасата на топловодот, по пат на експропријација. И многу важно, овој проект кој е од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила е еколошки, а претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме – сега ќе има потстаница на природен гас со оглед на тоа што ја поврзавме Битола со комплетното гасно поврзување до цевководот во Жидилово.
Решена е и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот. Со последните измени на проектот, направени пред да отпочне неговата реализација, обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК Битола ќе произведува електрична енергија.
Ние имаме план за РЕК Битола, тоа за нас е приоритет во енергетската политика, енергетската транзиција на РЕК Битола е највисок приоритет за целокупниот развој на пелагонискиот регион меѓутоа и на целата држава.
Токму затоа реализираме дел од зацртаните планови, со нови проекти, за обезбедување на топлината за Битола, Новаци и Могила, планираме изградба на нова когенеративна електрана на природен гас, која во иднина ќе може да работи и на водород.
За ова веќе соработуваме и со еден од најголемите американски гиганти во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори на ова поле. Оваа гасна електрана ќе замени еден од постојните термоблокови.
Дополнително, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен.
Овие проекти се изработуваат благодарение на техничката помош што ја добиваме од меѓународните финансиски институции ЕБРД и kfW банката од Германија, на кои сме им благодарни што ја подржуваат енергетската транзиција во Северна Македонија. Очекувам на почетокот на 2024 година, да се избере и компанијата која ќе ја изгради првата 20 MW фотонапонска централа во РЕК Битола и ќе ја започне енергетската транзиција. До крајот на наредната година истата ќе биде и во функција и оперативна на мрежа.
Со ова сакам да потенцирам уште еднаш дека вработените во РЕК Битола не треба да стравуваат за својата иднина, туку напротив РЕК Битола има иднина, РЕК Битола ќе произведува струја за Северна Македонија.
Веќе се обезбедени поврзувања на гасоводната мрежа, до крајот на годината почнуваме со нов гасовод кон Грција која ќе обезбеди доволни количини за една праведна транзиција на РЕК Битола кон обновливи извори на енергија но и кон производство на електрична енергија од гас што значи дека работниците во РЕК Битола не треба да стравуваат за својата иднина, а младите кои што студираат на машинските и електро факултетите ќе ја имаат своја професија во овој наш најголем комбинат за производство на електрична енергија.
Сакам да се заблагодарам на целото раководство на ЕСМ, на топлификација Битола, на РЕК Битола и секако на изведувачите, се работи за една од најреномираните компании македонски меѓутоа и во регионот кои што имаат имплементирано еден од најголемите проекти за гасификации и градење на топловодни мрежи на балканскиот полуостров.“