Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер денеска на „Криволак“ ги посетија американските војници кои поддржани од припадниците на македонската Армија во рамките на вежбата „Храбар партнер 23“ изведуваат гаѓање со оклопно возило „Страјкер“. На извежувањето на „Криволак“ присутен беше и бригадниот генерал Патрик Елис, заменик шеф на штаб на Командата на американската Армија за Европа и Африка.
Министерката Петровска истакна дека оваа вежба за Северна Македонија е важна од два аспекти – уште еднаш да се покаже капацитетот на армискиот полигон „Криволак“ и можноста припадниците на Армијата да се запознаат со способностите на оклопните возила „Страјкер“.
„Полигонот ‘Криволак’ повторно се користи од страна на нашите сојузници со што се покажува взаемната доверба која што ја имаме, а ова е и добра можност припадниците на македонската армија да ги видат способностите на возилата ‘Страјкер’ кои наскоро ќе бидат дел од капацитетите на македонската Армија“, рече министерката. Најави дека првите возила од овој тип се очекува да пристигнат кон крајот на 2024 година.
Министерката Петровска истакна дека заедничките обуки на „Криволак“ се уште еден приказ на заедништво и сојузништво, кое, рече, е навистина значајно во овие исклучително предизвикувачки времиња за безбедноста ширум светот.
Амбасадорката Агелер се заблагодари за можноста припадниците на Армијата на САД за Европа и Африка да вежбаат и да се усовршуваат на „Криволак“ и изрази убеденост дека пријателството и партнерството помеѓу двете земји ќе продолжи да се развива.
„Сакам да му се заблагодарам на бригадниот генерал Елис што тука ги донесе припадниците на 2. Коњанички полк затоа што колку повеќе работиме заедно. Колку повеќе заедно извежбуваме постигнуваме поголема интероперабилност, а истовремено на тој начин Армиите стануваат поподготвени заедно да делуваат и да ги исполнуваат способностите кои се потребни за НАТО“, рече амбасадорката Агелер.
Оклопните возила „Страјкер“ се дел од Планот за модернизација на Армијата согласно кој македонската Армија ќе биде опремена со оваа платформа по принципот на „целосен пакет“, односно освен возилата, набавена ќе биде и пропратна опрема како вооружување, балистичка заштита, електронски уреди, средства за комуникација и други елементи.