Во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата, што се одржува во Атланта, САД, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, како шеф на делегацијата на Република Северна Македонија, во соработка со Светска Банка и Владата на Јужна Африка организираше панел дискусија на тема „Зајакнување на жените во областите на добро владеење и анти-корупција“.
Таа истакна дека стереотипите за улогата на жените во општеството, за жал, сѐ уште се многу присутни во регионот, а во исто време проблемот со родово базираниот говор на омраза е огромен, преку кој не само што се нагласени стереотипите кон жените, туку е загрозен и личниот интегритет.
Вицепремиерката Грковска ја искористи можноста да го презентира Форумот на Југоисточна Европа за жени лидерки во процесите на добро владеење и антикорупција (SEEGGACWLF), кој на нејзина иницијатива, а со поддршка на UNODC, UN Women и Регионалната антикорупциска иницијатива беше формиран во март оваа година.
Таа истакна дека овој Форум е еден вид платформа која овозможува поддршка на сите жени кои се соочиле со непринципиелни напади, само поради тоа што имаат интегритет и се професионални во својата работа, но претставува и мрежа за интензивна комуникација, размена на искуства и идеи.
„Нашата цел е да го промовираме и да го поддржиме женското лидерство, да го зајакнеме учеството на жените и нивниот глас за јавните прашања, но и во исто време да го промовираме придржувањето до принципите на добро владеење, владеење на правото, како и еднаков пристап до правдата. Со еден збор, да се обединиме и да ги урнеме стереотипите“, нагласи Грковска.
Таа додаде дека регионалниот контекст на овој Форум е повеќе од потребен поради сличниот контекст на општествата во целиот регион од Југоисточна Европа.
Вицепремиерката Грковска истакна дека Форумот се фокусира и на младите, кои, како што нагласи, заедно со жените се носители на промените. Таа се осврна и на активностите што нејзиниот Кабинет ги реализира во делот на кампањата „Зависи од мене и тебе“, нагласувајќи дека со младите мора да се зборува за вистинските вредности, за системот кој сите ние го сочинуваме, и за промените за кои сите ние можеме да придонесеме, бидејќи тие се идните носители на одлуки во општеството.
На панелот, покрај вицепремиерката Грковска, учествуваа и Џоди Гласов, извршна секретарка на одборот за санкции на Светска банка, адвокатот Лекгоа Мотиби, шеф на специјална истражна единица од Јужна Африка, како и Вероника Драгалин, шефица на Обвинителството за справување со корупција на Република Молдавија.