Владата на Република Северна Македонија, донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
Според денешната владина одлука, донесена на предлог на Министерството за економија, ограничувањето на цените на повеќе производи во трговијата на мало, кое што беше со важност до 31 декември, се продолжува до 31 јануари.
Станува збор за белиот ориз, пченично брашно - тип 400 и 500, бел и полубел леб и одделни пекарски производи, одредени видови бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, јогурт и млечни производи и свежи јајца од кокошка.
Денешната владина одлука е во интерес на потрошувачите, поради претстојните новогодишни и божиќни празници.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Со оваа владина одлука, до 31 јануари, наместо до 31 декември, остануваат замрзнати и претходно утврдените цени на минералната негазирана и газирана вода, одредени видови негазирани и газирани пијалаци и пиво – исто така, во интерес на потрошувачите, поради претстојните новогодишни и божиќни празници.
Владата, на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за Развојна Секторска Стратегија за Правосудство (2024- 2028) со Акциски план и донесе Развојна Секторска Стратегија за Правосудство (2024 – 2028) со Акциски план.
Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 - 2028 година, според предлагачот, Министерството за правда, е стратешки документ, којшто се донесува заради утврдување, планирање и спроведување на политиките за натамошен развој на правосудниот систем.
При нејзиното финално изготвување, земени се предвид експертски мислења, како и мислењето од Европската комисија.
Покрај прашањата потесно поврзани со судството, Стратегијата, како што е образложено, предвидува и низа мерки во други поврзани области, коишто се значајни за извршување на функциите на правосудниот систем и ефикасно остварување на правата на физичките и правните лица пред правосудните органи.
Стратегијата се фокусира на пет клучни приоритени области: судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и јавни служби, Уставниот суд и специфичните правни области (кривична и граѓанска материја), коишто се релевантни за функционирањето на правосудството.
Владата го разгледа и го утврди текстот на Предлог - националната стратегија за развој на културата, со Акциски план за периодот 2023-2027 година и донесе одлука да се достави до Собранието на Република Северна Македонија на усвојување.
Предлог - националната стратегија за развој на културата со Акциски план 2023 – 2027 година, според предлагачот, Министерството за култура, е стратегиски документ со којшто се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за развој на културата во Република Северна Македонија. И, е основен стратегиски документ за областа култура, како за работа на Министерството за култура така и за други субјекти коишто дејствуваат на полето на културата.
Во документот се констатира доминантен впечаток дека институционалната култура во Република Северна Македонија, во споредба со минатото, е поотворена, поконкурентна и насочена да стане активен и препознатлив учесник во регионалната, европската и во светската култура и во таа насока се утврдени и предлог приоритетите во документот до 2027 година.