Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави оствари средба со заменик помошник на Јавниот обвинител на Соединетите Американски Држави, Брус Шварц, и извршен директор на ИЦИТАП, Грегори Дакот, во Одделот за правда на Соединетите Американски Држави.
Истакнувајќи дека правдата и внатрешната безбедност се столбови на секое стабилно демократско општество, Спасовски истакна дека во овој дел поддршката од САД е од огромно значење.
„На овој пат за Република Северна Македонија, поддршката и соработката со Одделот за правда на Соединетите Американски Држави, особено преку ИЦИТАП - Меѓународната програма за обука и помош во криминалистички истраги, се од клучно значење во нашите заложби за градење цврсти, граѓански ориентирани полициски институции”, истакна Спасовски, наведувајќи дел од проектите и обезбедени донации и обуки, општи и специјализирани полициски курсеви, за повисоките и раководни полициски службеници, патролни полициски службеници, како и помошниот персонал, вработени во Бирото за јавна безбедност, примарно во организиран криминал, компјутерски криминал и дигитална форензика.
„Би сакал да ја споменам и да се заблагодарам за донацијата за реновирање на полициски објект во Скопје, а особено за спроведувањето на проектот за носење мобилни камери за потребите на сообраќајната и во граничната полицијата. Овој проект е многу важен за нас како полиција и Министерство за внатрешни работи кој прерасна во препознатлив превентивен механизам во борбата против корупцијата”, истакна Спасовски. Притоа, тој го информираше Шварц за напредокот на МВР во борбата против корупцијата.
„Со големо задоволство можам да Ве информирам дека во таа насока имаме одличен напредок во откривачката дејност во борбата против корупцијата и тоа: само во изминатава 2023 година откриени се над 64 коруптивни злоупотреби, 121 кривично дело, со вкупно 178 сторители, за причинета материјална штета од над 350 милиони денари”, рече Спасовски. Притоа, тој се заблагодари до сите колеги и персонал на Програмата ИЦИТАП, обучувачите и координаторите, до службениците кои секојдневно го применуваат стекнатото знаење, како и до Шварц за поддршката изминативе децении.
Заменик помошникот на Јавниот обвинител на Соединетите Американски Држави, Брус Шварц, изразувајќи чест и почит кон министерот Спасовски рече дека особено е горд што изминативе години работат со него и благодарение на клучното лидерство и посветеност на министерот Спасовски оваа соработка е на исклучително ниво.На ова директорот на ИЦИТАП Дакот се надоврза дека посебно се радува што во овој изминат период сите започнати проекти на ИЦИТАП програмата на САД се навремено и успешно спроведени во рамки на МВР.
„Нашето стратешко партнерство изминативе 30 години е надградено и претставува пример за сите останати. И во иднина ви стоиме на располагање да помогнеме со експерти и размена на искуства во спроведување на сите проекти во борбата со корупцијата”, рече Шварц.