Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, упати телеграма со честитки до Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, до свештенството и монаштвото на Католичката црква во Република Северна Македонија, до граѓаните од католичка вероисповед и до сите граѓани кои денеска го празнуваат Воскресението Христово – Велигден.
„Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име, да го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, на Вас, на свештенството и монаштвото на Католичката црква, на граѓаните од католичка вероисповед и на сите граѓани кои го чествуваат празникот.
Велигден ја слави победата на животот над смртта. Како и сите големи празници, и Велигден е извор на духовна сила на луѓето за надминување на предизвиците кои ги носи животот со трпение и мудрост. Тоа е и мотив за вербата дека личното добро и благосостојбата се можни само како дел од заедничкото добро и благосостојба. Убеден сум дека празничниот дух Ве охрабрува и Вас во Вашата благородна мисија на водење на припадниците на католичката вероисповед во секој нивни чекор по исправниот пат на меѓусебно почитување и разбирање, по којшто, уверен сум дека заедно продолжуваме и во иднина.
Монсињор Стојанов, лично, Ви посакувам добро здравје, спокој и среќа меѓу блиските, а на општествено ниво, мудрост, волја и енергија за ширење на пораки на мир, просперитет и солидарност меѓу нашите граѓани, во нашата држава, но и насекаде во светот.
Имајте празнични денови во мир и благодат, честит Велигден!“, напиша премиерот Талат Џафери, во честитката до бискупот Киро Стојанов.