Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој што е во земјава во рамките на учеството на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што се одржува во Република Северна Македонија.
На средбата, премиерот Џафери му посака топло добредојде на претседателот Бегај, изразувајќи задоволство од континуираниот политички дијалог, како и развојот на билатералните односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со пријателски и братски однос кој е повеќе од само добрососедски однос. Единствено економската размена со Република Албанија не го рефлектира тој одличен однос и затоа соговорниците се согласија дека таа треба да биде приоритет и за актуелните Влади на двете земји, и секако имајќи го предвид очекуваниот избор на новиот владин состав во земјава по одржаните парламентарни избори, и за идната Влада на Република Северна Македонија. Премиерот Џафери истакна дека е важно да се продолжи со реформи за исполнување на зацртаниот пат на двете земји, кои веќе се сојузници во НАТО, со надеж дека и процесот на евроинтеграции ќе се заокружи со успех.
Претседателот Бегај, изрази задоволство од можноста да се сретне со Премиерот Џафери, на кого му се заблагодари за ангажманот, професионалноста, гордоста и достоинството со кое ја исполни уставната надлежност на Премиер на земјава, а што претставува додадена вредност за него и за Република Северна Македонија. Важно е, истакна тој, „да се задржи и надгради уште повеќе тоа што е постигнато во Република Северна Македонија а што е во однос на правата и обврските на заедниците.“ Се согласи со констатациите на премиерот Џафери во однос на тоа дека евроинтеграциите се приоритет за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и на евроатлантската заедница во регионот, и дека е добро што и двете држави се на иста линија со Европската унија што се однесува на надворешната и безбедносната политика на Унијата.
Соговорниците се согласија дека ќе продолжат да ја интензивираат и збогатуваат взаемната соработка во сите полиња од взаемен интерес и во полза на граѓаните на двете земји.