„Посетата на Вашингтон имаше интензивна агенда и би ја оценил како исклучително успешна“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Општина Охрид.
Премиерот Мицкоски нагласи дека во Вашингтон соговорниците имаа можност да видат поинакви политичари кои доаѓаат оттука, а не политичари коишто на сè велат „да“ и се подведени, туку политичари кои имаат јасен план.
„Го претставивме нашиот план, кажавме што се нашите приоритети, и како граѓани и како држава и мислам дека од другата страна добија информација за што досега не го слушале. Ние нема да бидеме политичари кои надвор за сè викаат „да“ и ја држат раката на срцето со подведена кичма, напротив достоинствено ќе ги браниме нашите интереси. За нешто ќе се сложиме, за нешто нема да се сложиме“, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека актуелната влада нема намера да ги ограбува граѓаните и државата како што тоа претходно го правеа политичари кои надвор за сè викаа „да“ со подведена кичма, во едната рака мавтаа со знамето на НАТО и ЕУ, а од друга страна ги ограбуваат народот и државата.
„Мора да владее правото, мора институциите да се функционални, мора политичарите да бидат слуги на граѓаните во рамките на можностите, се разбира колку се може. Заврши времето кога имавме неколку среќни политичари и стотици илјади несреќни граѓани. Принципот „како до сега“ заврши, сега треба да имаме изморени владини официјални лица и градоначалници и носители на јавни функции и среќни граѓани. Тоа е политиката која ќе ја гледате, тоа е патриотскиот чин и начинот како се сака државата, како се работи за граѓаните. Добро да работите кога ќе ја добиете шансата, чесно, искрено, тоа што може – може, тоа што не може – не може, искрено да се каже, не да се ставаат проблемите под тепих, па друг да ни ги решава, треба да влеземе во костец со решавање на проблемите“, изјави премиерот Мицкоски.