МТСП: Констатирани злоупотреби во категоризацијата на децата со пречки со развојот

Родители си ги терале децата да глумат дека се со пречки во развојот, со цел да се запишат во училиште за деца со посебни потреби и да земаат посебен додаток што државата го исплаќа за нив.

Министерството за труд и социјална политика открило десеттина вакви случаи откако добиле дојави од наставниците дека децата, кои биле категоризаирани со посебни потреби и биле запишувани во специјалните училишта, за време на изведувањето на наставата се однесувале како деца без пречки во развојот.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција истакна дека сите случаи во моментов се проверуваат, оти се контролира и документацијата врз основа на која детето е категоризирано. Најави дека ќе биде побарана одговорност и од родителите, и од лекарите кои ја извршиле категоризацијата доколку за тоа се обезбедат соодветни докази.

Овие случаи, како и десеттина други, за кои исто така имало дојави за несоодветна категоризација, се причина Министерството за труд и социјална политика, заедно со министерствата за здравство и за образование и наука, да работат на унапредување на работата на комисиите кои ја вршат оваа категоризација.

- Евидентирано е неадекватно распоредување во одредена категорија на попреченост. Дел од децата иако привремено сместени во установа за социјална заштита многу често остануваат таму подолг период како резултат на неразвиениот систем на следење и периодична проценка на адекватноста на превземените мерки или поради непостоење на алтернативни начини за заштита во социјалната средина, рече Ристовски.

Додаде дека целта на оваа иницијатива е децата со пречки, како и останатите деца да се стекнат со образование во согласност нивните потреби и можности. Со неа, рече, се создаваат служби кои ќе бидат во состојба целосно да одговорат на потребите на детето, почитувајќи ги неговите основни права.

- Исто така изготвен е и нов правилник за процена на потребите и насочување на децата со пречки во развојот. Со него ќе се формираат неколку регионални комисии во земјава кои ќе работат на принципот што во себе ги интегрира развојните потреби на детето, способностите на родителите на реагираат на соодветен начин и условите во локалната заедница со цел да се обезбедат еднакви можности и да се спречи дискриминација на децата и нивните семејства, рече тој.

Министерот за здравство Никола Тодоров се согласува дека примената на овој правилник треба да озвоможи соодветна категоризација на децата, особено, како што рече, од маргинални групи.

- Ќе се формираат комисии од прв и втор степен. Првиот степен е на ниво на секундарна здравствена заштита, а вториот на терциерно. На предлог на МТСП може да се побара ревизија на работата на двете комисии. На ваков начин очекуваме да имаме многу попрецизен метод за категоризаирање и намалување на можностите тоа да биде неадекватно, бидејќи тоа подоцна може да предизвика лоши поседици по децата кои се со нормален развој, а се испратени во специјални училишта, рече Тодоров.

Министерот за образование и наука Панче Кралев информира дека во Македонија има 12 училишта за деца со посебни потреби, од кои осум основни и четири средни. Во учебната 2011-2012 година во основните училишта се запишани 400 деца во 87 паралелки, а во средните 285 деца во 55 паралелки.

Веруваме, рече  Кралев, дека со зајакнатите критериуми и новата категоризација учениците со посебни потреби ќе можат да го добијат максмалното од образовниот процес.