Промовирани нови 15 преведени книги на Државниот Универзитет во Тетово

Министерството за образование и наука Ве известува дека денес, 01.07.2012 година, во просториите на Државниот Универзитет во Тетово, се одржа промоција на нови 15 преведени книги од областа на економијата и правото, дел од проетот на Министертстово за образование и наука и Владата на Република Македонија - „Превод на илјада стручни, научни книги и учебници од кои се учи на најврвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“. На промоцијата присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, Министерот за образование и наука, Панче Кралев и заменик Министерот за образование и наука, Сафет Незири.

Во своето обраќање, Министерот за образование и наука, Панче Кралев, истакна: „Со новите 15 наслови, овој пат од областа на економијата и правото, се остварува целта на овој проект, да се зајакне моќта на знаењето на нашите студенти и пошироката јавност. Но, резултатите ги надминуваат очекувањата и нашите визии. Досега промовираните преведени наслови, си го најдоа своето место на полиците во библиотеките, но и во рацете на студентите, асистентите, професорите.“

Студентите од Државниот Универзитет во Тетово ќе учат од истите учебници од кои се учи на познати и реномирани светски универзитети. Проширувајќи го своето теоретско знаење, студентите ќе бидат поконкурентни на пазарот за труд, а воедно и ќе го подобрат квалитетот на практичната настава.

- Човекот учи додека е жив, затоа учете и надградувајте се од најдобрите книги, искористете ги овие предности кои Ви ги овозможуваме со овој проект. Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука ви ја овозможија оваа шанса, бесплатно да уживате, читајќи ги книгите од вашите омилени автори, познати доктори, професори, филозофи, додаде Министерот Кралев.

Министерството за образование и наука заедно со Владата на Република Македонија продолжуваат кон целосно остварување на проектот „Превод на 1000 стручни книги“. Со денешната промоција, бројот на преведени книги достигна 669.