Презентиран Извештајот од ГРЕКО

Министерот за правда Блерим Беџети денеска го презентираше Извештајот за усогласеност и имплементација на препораките на Групата на држави против корупција - ГРЕКО.

Во извештајот ГРЕКО заклучи дека Република Македонија од вкупно 13 дадени препораки, во однос на темата инкриминација од седум имплементирала шест, а една делумно. Во однос на транспарентноста на финансирање на политичките партии, од 6 препораки, една е задоволително имплементирана, три делумно и две не се имплементирани.

- За реализација на препораките се извршени измени на Кривичниот и Изборниот законик, на Законот за финансирање на политичките партии и беа спроведени обуки од страна на Академијата за обука на судии и јавни обвинители за кривични дела од областа на корупцијата, рече Беџети на денешната прес-конференција.

Што се однесува до реализацијата на останатите препораки, информираше министерот, и покрај тоа што рокот даден од ГРЕКО е 30 септември 2013 година, веќе се работи на измени на законодавството.

Според директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители Анета Арнаудова, Македонија со последните измени на Кривичниот законик од април 2011 година, со постоењето на единствена кривична легислатива, претставува пример за добра пракса во правец на создавање целосна правна рамка, со што се зајакнува начелото на конзистентност, јасност и правна сигурност.

Во однос на финансирањето на политичките партии, нагласи, ГРЕКО се фокусираше на транспарентноста, супервизијата и надзорот, како и системот на санкции, додека во делот инкриминација, додаде Арнаудова, Македонија изврши проширување на кругот на кривични дела на корупција или редефинирање на постоечките, со цел целосна хармонизација со меѓународните документи.

Република Македонија е членка на ГРЕКО од 2000 година и целосно ги има имплементирано сите 17 препораки од првиот круг на евалуација кој е затворен во 2007 година и сите 14 препораки од вториот круг кој е затворен во 2009 година.

Во однос на третиот круг на евалуација во март 2010 година, ГРЕКО го усвои извештајот за Република Македонија во кој беа содржани вкупно 13 препораки.