Првиот потпретседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити денеска ги пречека студентите од прва година на Правниот факултет на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во средба и студиска посета во зградата на Владата. Во оваа прилика Меџити рече дека студентите се главниот столб на секое општество и нашата надеж за подобра иднина.
„Наша должност е да ги создадеме најдобрите можности за нив, инвестирајќи во нивното образование и нивната иднина. Денеска, при посетата на студентите на Правниот факултет на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Владата на Северна Македонија, одблиску ја видов енергијата и потенцијалот што ги носат овие млади луѓе“, рече Меџити.
Тој нагласи дека една од клучните теми на разговор со студентите била и одлуката за изградба на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, инвестиција од 35 милиони евра.
„Овој проект е доказ за нашата посветеност да создадеме современи услови за образование и развој, давајќи им на студентите простори кои ги заслужуваат за да се развиваат. За нас поддршката за студентите не е само должност, туку голема одговорност и привилегија. Тие се најголемото богатство што го имаме и нашата посветеност кон нив мора да биде безусловна“, рече Меџити. Тој понатаму додаде:
„Ви благодариме драги студенти што ни дадовте можност да споделиме идеи и да разговараме. Вратите на Владата ќе бидат секогаш отворени за вас, а нашата поддршка ќе продолжи со целосна посветеност. Со вашата енергија, визија и напори, убеден сум дека нашата иднина е во сигурни раце“.