Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ја презентираше Програмата за почист воздух за периодот 2025 – 2030.
Програмата е изработена во 8 сегменти, и за секој од нив се предвидени и испланирани проекти за кои е зададен рок во кој ќе се почне реализацијата, период во кој таа треба да биде завршена, како и одговорни институции кои ќе бидат задолжени да се стигне до очекуваните резултати.
„Ги утврдивме причинителите, но и ги дефиниравме приоритетните активности кои треба во среднорочен и долгорочен период да го решат повеќедеценискиот проблем со лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во повеќе градови и населени места во државата“ – изјави Изет Меџити, Прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
„Не велам краткорочен, бидејќи тоа е невозможно и не сакам да ветуваме решенија кои нема да можеме да ги испорачаме во рок. Ова е комплексен проблем кој со години беше маргинализиран, во периодот во кој можеа со поедноставни мерки голем број последици да бидат превенирани. Сега сме во фаза во која, за решавање на овој проблем, за кој граѓаните изминативе години покажаа висока загриженост, ќе мора да пристапиме темелно и прецизно. Тоа подразбира вклучување на сите институции кои имаат ингеренции во оваа сфера“
На денешната прес конференција присуствуваа и министрите за Локална самоуправа, Златко Перински, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заменик министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи, заменик министерката за животни тна средина и просторно планирање Ане Лашковска, чии надлежни министерства ќе бидат вклучени во реализацијата на проектите. Комплексната координација на сите вклучени институции, во однос на поединечните ингеренциите, постапувањето и работењето, ќе ја преземе Министерот Изет Меџити.
„Јас како Министер ќе инсистирам на нивно ангажирање и завршување, пред се во мојот ресор но и ќе ги координирам, следам и поттикнувам активностите како Вицепремиер во сите институции кои ќе имаат дел од одговорноста за спроведување. Неопходна ни е соработката од сите експерти по ова прашање, како и поддршката и вклучувањето од граѓаните. Ова е сепак заедничка борба, која треба да резултира со подобар квалитет на живот за сите граѓани“ – изјави Меџити.
Во Програмата за почист воздух , како главни причинители на загадувањето на воздухот на територијата на државата се детектирани: согорувањето на цврсти горива, согорувањето на огревно дрво и друго во домашни ложишта, согорувањето цврсти горива во индистријата, согорувањето на потешки течни горива, сообраќај (дизел возила), согорување на мазут и екстра лесно гориво (во котли и печки).
Анализите кои се направени изминатиот период потврдуваат дека аеро загадувањето се должи и на отежнатата дисперзија, појавата на атмосферска инверзија во текот на зимските месеци; урбанистичките фактори, лановите и локациите на изградените објекти, при што некои големи емитери се сместени во урбаното јадро, како и урбанистичката поставеност на објектите која не овозможува лесно плакнење на воздухот и продор на ветер.