Првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, учествуваше на настанот „Отворен ден“ организиран од Стопанската комора на Северо-западна Македонија, каде што истакна дека блиската соработка помеѓу Владата и деловната заедница е од суштинско значење за економскиот развој на земјата.
Во своето обраќање, Меџити упати благодарност до претседателот на Комората, Менди Ќира, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Рефик Џемаили и други високи претставници на институциите, нагласувајќи ги конкретните мерки преземени од Владата за создавање поволна деловна клима. Тој потенцира дека главната цел на овие мерки е развој на динамична, конкурентна и одржлива економија, со фокус на зајакнување на претприемачите и привлекување странски инвестиции.
„Владата презеде значајни чекори за поддршка на бизнисите и поттикнување на инвестициите. Една од клучните мерки е создавањето кредитна линија од 250 милиони евра од Унгарија, која нуди услови меѓу најповолните во регионот, овозможувајќи им на бизнисите лесен пристап до финансирање без дискриминација. Почетокот на изградбата на Коридорот 8 претставува голема финансиска инјекција за локалните компании и ќе создаде нови можности за профит во најмалку 48 месеци“, изјави Меџити.
Исто така, според Меџити, актуелната Влада ја подобрила фискалната политика, со намалување на даноците за малите и средни претпријатија, како и со обезбедување финансиска поддршка за младите претприемачи. Овие бенефиции вклучуваат грантови, кредити под поволни услови и стимулации за извоз, зајакнувајќи ја интернационализацијата на домашните производи.
Меџити истакна и дека праведен и независен правосуден систем е основен елемент за создавање поволна деловна клима.
„Зависноста на различните власти од политиката негативно влијаеше на деловната клима во минатото. Работиме на реформирање на правосудството и негово осамостојување од политиката и политичарите. Само во таква средина може да се обезбеди слободен економски развој и одржливи инвестиции“, изјави тој.
Обраќајќи се кон претставниците на бизнис-секторот, Меџити нагласи дека Владата е секогаш отворена за дијалог и соработка. Тој ги охрабри бизнисите да поставуваат прашања, да ги споделат своите грижи и очекувања, нагласувајќи дека економските успеси се постигнуваат само преку искрено партнерство меѓу државните институции и приватниот сектор.
„Тука сме да го слушнеме вашиот глас и заеднички да работиме на развој на одржлива и конкурентна економија за нашата земја“, заклучи Меџити.