Мицкоски: Посетата во САД беше исклучително корисна и плодна, очекувам резултатите да бидат видливи, интензивни и големи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на впечатоците од посетата на САД, со остварените политички и економски контакти, изјави:
„Многу сум задоволен, исклучително сум задоволен. Посетата беше исклучително корисна, плодна и очекувам во периодот којшто следи резултатите да бидат видливи, интензивни и големи. 
Она коешто го кажувам често пати, ќе го повторам и сега. Ние домашната задача и домашната борба ќе ја водиме, еве за вакви проекти, за добра инфраструктура, за нови градинки, за нови училишта, за поконкурентна економија, за поквалитетно здравство, за подобро образование и така натаму. Тоа се работи коишто дома ние ќе ги решаваме и таа битка ќе ја водиме и ќе ја добиеме. 
Но, исто така мораме да победуваме и во Вашингтон, и во Њујорк, и во Брисел, и во Рим, и во Париз, и во Лондон, и во Берлин, насекаде и во други метрополи во светот. И да бидеме што е можно погласни и што повеќе аргументи да презентираме кај нашите соговорници, за македонското прашање, за сите оние предизвици коишто се пред нас, но и оние коишто беа позади нас. И мислам дека сме на добар пат. Инстант резултати, нема, но важно е дека тоа што го правиме, го правиме исклучиво за интересот на граѓаните и татковината којашто единствено ја имаме.“