Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес одговарајќи на новинарското прашање поврзано со интерпелација на Судскиот совет и барањето на оставка на Љупчо Коцевски посочи дека партиски луѓе не треба да има во судството.
„Последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите меѓу кои е именуваното лице за коешто вие сега зборувате. Најголемиот дел би рекол 95% од обвинителите и судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, коишто обвинуваат и судат според закон и Устав. Но, за жал има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари и коишто ценат дека кога ќе ја облечат тогата наместо да заборават на партиските привилегии и оние коишто ги предложиле таму, тие се уште се верни слуги на истите коишто на времето ете бидејќи такви се законите и процедурите ги предложиле да бидат таму каде што се“, одговори Мицкоски.
Премиерот Мицкоски го потенцираше однесувањето на еден обвинител којшто наместо да биде заштитник на владеењето на правото, одбрал да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада.
„Посебно би го потенцирал однесувањето на еден обвинител од пред неколку дена којшто одлучи наместо да биде обвинител и заштитник на владеењето на правото и правдата да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада“, објасни Мицкоски.